Во Србија е потврден нов случај на африканска свинска чума. Општина Петровац на Млава прогласи вонредна состојба во селата Рановац, Манастирица, Мелница и Кладурово врз основа на одлуката на Ветеринарната управа за појава на заразата, пренесува Агроклуб.
Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) издаде препораки во случај на појава на оваа болест со големи економски последици.
Одгледувачите треба да влезат во областа каде што свињите престојуваат со чиста облека и обувки и да ја дезинфицираат опремата и возилата. Важно е домашните животни да се држат подалеку од диви свињи, а храната да се добива од сигурни извори.
Кога станува збор за ловците, важно е да се дезинфицира опремата пред да се напушти ловиштето, да не посетуваат фарми за свињи по враќањето од лов, да не се остава отпад и изнутрици од диви свињи во шумите или полињата и да се држат настрана доколку наидат на угината дива свиња. Во случај да видат болна или мртва дива свиња, да пријават кај локалните власти.
Болеста лесно може да се пренесе со директен контакт со заразени домашни или диви свињи; контакт при внесување на контаминирана храна како што се остатоци од храна, пијалоци или отпад; со каснување од заразени крлежи и контакт со контаминирана опрема, како што се облека, земјоделска опрема и возила.
Да потсетиме, африканската свинска чума досега се ширеше низ Јужна и Источна Србија, со спорадични случаи во Шумадија и Јужен Банат.
