Денеска во Белград министерот за земјоделство, шумарство и водостапанство Љупчо Николовски на работниот состанок со српскиот вицепремиер и министер за земјоделие Бранислав Недимовиќ, постигна договор во следните 7 до 10 дена да се тргне забраната за извоз од Србија во Северна Македонија на производите пченица, пченка, брашно, масло за јадење и да почне испораката на количините што се договрени меѓу економските партнери од двете држави.
„Во моментов го завршив состанокот со потпретседателот на Владата на Република Србија, Бранислав Недимовиќ. Благодарение на довербата и соработката што ги обезбедува ОтворенБалкан договоривме во следните 7 до 10 дена Србија за Северна Македонија да ја тргне забраната за извоз на пченица, пченка, брашно, масло за јадење, и да почне испораката за количините коишто се договорени помеѓу сите економски партнери од двете земји.
Обезбедивме договорите на нашите компании од сите стопански комори да бидат реализирани. Граѓаните пак да бидат спокојни, нашата држава ќе има доволно количини од овие стратешки култури. Во време на светска криза иницијативата „Отворен Балкан“ ни овоможува партнерство со Република Србија.“, објави министерот Николовски на неговиот фејсбук-профил.
