Денеска во Скопје се одржа јавна панел дискусија на тема „Изнаоѓање на решенија за легализација, пренамена и упростување на постапката за добивање на дозволи за градба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи – во и вон населено место“.

„Денешната панел дискусија е од исклучително значење за земјоделците, и е со цел да им помогнеме да ги легализираат своите објекти за примарно производство, но и да ја отвориме можноста за изградба на нови објекти.
Моменталната состојба на терен укажува дека најголем проблем кој ги оневозможува земјоделците да аплицираат за финансиска поддршка за инвестиции во модернизација на земјоделските стопанства од ИПАРД програмата, е токму нерегулираниот имотно-правен статус на фармите.
Затоа делуваме заеднички, предложуваме решенија за секоја институција според својата надлежност, и го решаваме деценискиот проблем.“, рече Николовски.
Министрите Николовски, Бочварски, Пенов и Шукова изразија подготвеност да дадат максимална поддршка во креирањето на нови законски решенија со вклученост на сите институции со цел изнаоѓње на заедничко решение кое ќе биде во корист на фармерите.
„Земјоделците кои се занимаваат со примарно производство, без разлика дали е животинско или растително производство, со децении наназад се соочуваат со проблеми при градење, пренамена или легализација на придружните објекти на фармите, поради постоечките законски решенија кои се дел од законската рамка на повеќе институции. Затоа сме денес овде, сите заедно, бидејќи проблемот е многу комплексен и потребен е придонес и од другите министерства и институции за да се изнајдат нови решенија за надминување на состојбата. Она што е најважно е дека кај сите нас постои мотивираност да им помогнеме на земјоделците, да делуваме заеднички, да предложиме решенија, секоја институција според својата надлежност. Со тоа ќе им помогнеме на земјоделците да го легализираат својот имот, со што ќе бидат во можност да ги обноват своите капацитети или изградат целосно нови, на кој начин ќе станат поконкурентни и ќе им го отвориме патот за зголемен пристап до сите мерки и политики на министерството, но пред се до ЕУ фондовите и ИПАРД програмата“ потенцираше министерот Николовски и воедно ја презентираше состојбата на терен која укажува дека најголем проблем кој ги оневозможува земјоделците да аплицираат за финансиска поддршка за инвестиции во модернизација на земјоделските стопанства од ИПАРД програмата, е токму нерегуларен имотно-правен статус на фармите.
Според состојбата на терен, голем процент од сегашните одгледувачиштата или не се легализирани или пак се запишани како помошни објекти во земјоделството, а како такви не можат да аплицираат за ИПАРД па дури не можат ни да аплицираат за кредит во банките .
За инвестиции во опрема за фарма, преку мерка 1 од ИПАРД прогрмата, се бара поседување на легален објект во кој ќе биде сместена опремата, и токму овој услов фармите не можат да го исполнат. Само за пример, за сликата да биде појасна, од вкупно 3251 поднесени апликации за мерка 1 Инвестиции во модернизација на фарми, само 60 се однесуваат на сточарско производство. А од вкупно 1982 одобрени апликации, само 36 апликации за сточарско производство се одобрени, што изнесува помалку од 2%.
Правното решение согласно Закон за земјоделско земјиште, предвидува постапка за градење на оранжерии, објекти за промоција на земјоделски производи, помошни објекти, како и објекти за примарна обработка на земјоделски производи, врз основа на барање до општината каде се наоѓа земјиштето, без потреба за донесување на било каков урбанистички план и без обврска за плаќање на комуналии. Издаденото одобрение за изградба на објект или оранжерија на земјоделско земјиште, овозможува по изградбата објектот да се запише во Агенцијата за катастар на недвижности. Ова е наједноставниот начин да се добие легален објект, но за жал состојбата на терен покажува дека се соочуваме со огромен број на веќе изградени објекти кои од многу причини не се легализирани.
Досега, во два наврати е правена измена на Законот за земјоделско земјиште, еднаш во 2012-та, а потоа и во 2019 –та година со цел бесправно изградените објекти да се легализираат. Но, очигледно овие измени во законот не се доволни и не ја сменија значително сликата на терен.
За таа цел, токму поради ваквата состојба, преку јавната панел дискусија, се донесе заклучок да се формира работна група со вклучени членови од сите релевантни институции, која ќе продолжи да работи се до решавање на проблемот со незаконски изградените објекти.
