Во тек е аплицирањето за земјоделските субвенции за 2021 година.
До денеска, преку електронскиот систем „директни плаќања е-барање“, поднесени се 16. 105 барања, но тој број во секоја минута расте. Одзивот за поднесување на барања е на задоволително ниво. Исто така, од МЗШВ нè информираа и дека голем број земјоделци поднесуваат барања за субвенции со помош на вработените во Подрачните единици на МЗШВ.
„Како директор, лично бев во посета на неколку Подрачни единици на МЗШВ за да видам каква е динамиката на пријавување и мора да кажам дека е на задоволително ниво. Но, сакам да апелирам, земјоделците да не ги чекаат последните денови. Оние кои имаат можност електронски да поднесат барања да го направат тоа и по поднесување на барањата да отпечатат два примерока, истите да ги потпишат и еден примерок да испратат до Агенцијата за финансиска поддршка.
Оние кои не знаат сами да аплицираат, на располагање им се вработените во Подрачните единици, кои секако ќе им помогнат при аплицирање. Барателите, пред да се потпишат на барањето и да потврдат дека се согласуваат со внесените податоци, да проверат дали во барањата им се наведени сите култури кои ги одгледуваат. Исто така важно е да проверат и дали катастарските парцели кои се внесени во барањата им соодвествуваат со фактичката состојба, па дури потоа да ги потпишат барањата“ – изјави за Агротим директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски.

Дoколку апликантите утврдат дека при поднесување на барањето направиле пропуст, впишале погрешни податоци или констатирале дека имаат потреба од измена заради несоодвестување со фактичката состојба, барањето може да го повлечат или да го изменат во рок од 30 дена од денот на поднесување на истото. Потсетуваме дека крајниот рок за поднесување на барањата за субвенции е 31 мај 2021 година.

И од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјавија дека аплицирањето се одвива во најдобар ред со почитување на протоколите за Ковид.
„Аплицирањето за субвенции се одвива во најдобар ред. Ковид мерките се почитуваат до максимум, работиме преку шалтерски систем, со оглед на тоа што вработените во подрачните единици не се вакцинирани, се трудиме заштитата да биде на највисоко ниво. Процесот на аплицирање завршува на 31 мај, а ги охрабруваме земјоделците да не чекаат за аплицирање до последните денови за да не се создава гужва и да може во целост да се почитуваат ковид протоколите.“, изјави за Агротим, Дејан Давидовски од МЗШВ.

