Реалниот девизен курс на денарот е зајакнат, тоа се одразува на конкурентноста на економијата, македонскиот извоз стана прескап за нашите трговски партнери – изјави новиот Гувернер на Народната Банка, Трајко Славески. Вели ќе преземе мерки, но не прецизираше конкретно кои. Нема да има девалвација на денарот – курсот нема да се менува во флексибелен, останува фиксен – убедува Славески.
„Значи зајакнат е денарот 5,4 проценти во однос на сите трговски партнери, а во однос на еврото денарот има апрецирано цели 9 проценти. Вие претпоставувам дека мнозинството сте економски новинари знаете дека тоа значи губење на конкурентноста на македонската економија. Република Македонија станува нели поскапа за нашите трговски партнери и тоа го погодува извозот, посебно оние трудоинтензивните дејности“, вели Трајко Славески.
Според Славески тоа е резултат на високата инфлација во земјава од ноември 2022 година до јануари годинава, двојно повисока од таа во еврозоната. Вели, разликата ќе се испегла ако земјава се врати на инфлацијана на ниво како таа во еврозоната. Но не одговори дали и кои мерки ќе ги преземе Народната банка за стабилизирање на инфлацијата. На прашањето дали веднаш ќе биде воведен флексибилен девизен курс, Славески одговори дека тоа нема да се случи.
„Фиксниот девизен курс останува дај боже во догледна иднина Република Македонија да стане членка на Европската унија и да го воведе еврото како национална валута“, вели Трајко Славески.
Новоизбраниот гувернер на Народната банка Трајко Славески, по денешната свечена изјава рече дека централната банка треба да се фокусира на трите основни цели, а тоа се ниска и стабилна инфлација, односно ценовна стабилност, финансиска стабилност и поддршка на политиките на Владата.