Манифестацијата „Неготинско младо вино” по четврти пат ќе се одржи следната недела на 8 ноември, информираа денеска од Општина Неготино.
Оттаму појаснија дека станува збор за настан што ќе се одржи на старата градска чаршија со почеток од 13 часот, а манифестацијата е посветена на промоцијата на неготинското младо вино, малите семејни винарии и локалната традиција. Присутните на старата градска чаршија ќе можат да дегустираат од изложените млади вина, да се запознаат со производите на винариите и да пробаат од традиционалната неготинска храна.

– Општина Неготино подготви извонредно богата забавно – музичка програма со настап на фолклорниот ансамбл „Ацо Ѓорчев”, пензионерскиот хор при Здружението на пензионери – Неготино, а свој придонес за добрата забава ќе дадат и „Трио Гранде” и една од најпопуларните пејачки на македонски народни песни, Сузана Гавазова – соопштија од локалната самоуправа.
Од Општината упатија јавна покана до сите заинтересирани, да бидат дел од манифестацијата.
МИА

