Пазарот на боровинки и малини расте секоја година. Ова ги поттикна производителите од различни земји да сакаат да ја искористат растечката побарувачка. Во Европа, моментално најважен пазар е Германија. На полиците на локалните продавници, боровинки и малини се достапни во текот на целата година, пренесува Frucht Portal.
Германскиот увоз на ова овошје поставува рекорди од година во година. Во 2023 година земјава увезла околу 64.000 тони боровинки и 35.000 тони малини, што е седум или два пати повеќе отколку во 2014 година.
На почетокот на сезоната во Германија се увезуваат првите боровинки од медитеранскиот регион. Во лето започнуваат испораките од Југоисточна Европа, а на крајот на сезоната – од јужната хемисфера.
Благодарение на здравствените придобивки, како и добриот рок на траење, изгледа ќе има светла иднина за боровинките. Само во последните 10 години светското производство на ова шумско овошје е зголемено за 10% годишно. Се одгледува на сите континенти.
Малините во никој случај не отстапуваат во однос на боровинките. Со нив годишниот раст на производството е од речиси 9% меѓу 2013 година и 2022 година. Меѓутоа, по години на силен бум, сега има знаци на стагнација на места бидејќи ресурсите се ограничени или е достигната заситеност на пазарот.
