Голем дел од Европа најверојатно ќе се соочи со уште три сушни и топли месеци, се вели во извештајот на програмата на ЕУ за набљудување на Земјата „Коперникус“.
Речиси половина од ЕУ е под закана за суша, а условите се влошуваат во Белгија, Франција, Германија, Унгарија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Португалија, Романија и Шпанија. Расте опасноста од суша надвор од Европската Унија во Велика Британија, Србија, Украина и Молдавија, предупредуваат од „Коперникус“
„Западниот евро-медитеранскиот регион најверојатно ќе биде топол и сув до ноември 2022 година, особено во Шпанија и Португалија“, се вели во извештајот.
Европа од јуни доживеа неколку топлотни бранови, при што беа срушени неколку рекорди. Во Велика Британија е постигната нова рекордна температура од 40,3°C со што се надмина претходниот рекорд за 1,5°C. Температурите исто така надминаа 40°C во Франција, 45°C во Шпанија и 46°C во Португалија.
Директорите на Европскиот центар за временски прогнози со среден опсег (ECMWF) посочуваат дека тоа е последица на различните метеоролошки услови во кои климатските промени играат важна улога.
„Серијата европски горештини летово беа предизвикани од одредени временски прилики, а температурите беа повисоки од очекуваните поради климатските промени. Како што се загрева климата, Европа ќе доживее почести и поинтензивни топлотни бранови“, вели Саманта Бурџис, заменик директор на Службата за климатски промени на ECMWF.
Од Светската метеоролошка организација исто така наведуваат дека без климатските промени температурите над 40°C во Велика Британија би биле крајно неверојатни.
