На Европа ѝ недостигаат работници во земјоделското производство, особено во сезоната. Најновиот пример како да се реши овој проблем доаѓа од соработката меѓу Египет и Грција. Двете земји се договорија за пилот-шема која би требало да ја обезбеди потребната работна сила, пишува Ројтерс. Преку овој договор Египет ќе обезбеди 5.000 земјоделски работници во сезонската програма. Тие ќе имаат право на влез и престој во Грција до девет месеци.
Грчкото МНР најави дека овој документ би можел да биде водич за идните договори што земјата и ЕУ би ги потпишале со трети земји во борбата против илегалната имиграција.
„Се надеваме дека првите работници ќе бидат на полињата веќе на почетокот на следната година за да помогнат“, рече заменик-министерот за надворешни работи Милтиадис Варвициотис по потпишувањето на договорот со неговиот египетски колега Ихаб Наср.
Какви права имаат сезонските работници?
Во секторот за овошје и зеленчук на Унијата, потребни се странски работници, или од други земји членки на ЕУ или од трети земји. Според извештајот на Европскиот парламент, Германија, Италија, Шпанија, Франција и Полска вработиле голем број „сезонски“ мигранти во 2020 година. Сепак, оваа бројка само делумно го компензира хроничниот недостиг на работна сила на домашниот пазар. Само во Шпанија, фармите каде што се одгледуваат јагоди вработуваат најмалку 50.000 луѓе.
Сезонските работници мигранти од ЕУ имаат право на целосно еднаков третман со државјаните на земјата домаќин според основното право на слободно движење на работниците во оваа заедница. Државјаните од трети земји се опфатени со Директивата за сезонски работници од 2014 година, која им дава еднаков третман во однос на условите за вработување и некои социјални бенефиции.
Лоши услови и покрај правилата
Сепак, работата се одвива во лоши услови. Мигрантите често се без документи, па дури и со документи стануваат жртви на нелегални практики од криминални банди или модерно ропство. Пандемијата на коронавирусот дополнително го наруши движењето на оваа популација дополнително ја нагласи нивната суштинска улога во европското земјоделство и ги изложи нивните понекогаш ужасни услови за работа и живот. Станува збор за околу еден милион луѓе на територијата на Унијата.
Европскиот парламент усвои резолуција за заштита на сезонските работници во јуни 2020 година, а Европската комисија одговори на овој повик во јули 2020 година со издавање нови упатства за нивна заштита во контекст на пандемијата, најавувајќи понатамошни активности, вклучително и континуирана соработка со Европската администрација за труд.
