Климата се менува, а глобалното затоплување го поместува одгледувањето винова лоза кон север, што го потврдува и веста дека Шведска се најде на картата на лозарски области.
Во малото лозје недалеку од Стокхолм, на минус осум степени Целзиусови и 15 сантиметри снег, штотуку започна бербата на грозје, кое созреа благодарение на високите температури, 23 часа сончева светлина во лето и иновативните сорти прилагодени на условите, пишува Гардијан.
Ледени вина од север
„Совршено е“, рекол сопственикот на винаријата „Блакста“ Горан Амнегард за време на бербата минатата недела. Кога ја засадил својата прва лоза пред 22 години и го започнал својот бизнис, тој бил меѓу првите комерцијални винари во Шведска. Сега оваа земја е на пат да стане винска дестинација. Куриозитет е и тоа што ова лозје е најсеверното во светот, тврди Амнегард.

Сортата на грозје „видал бланк“ расте во уникатен „тероар“ во светот каде што добива до 23 часа дневна светлина во екот на летото пред да се претвори во наградувано ледено вино кое најмногу се продава во ресторани со ѕвезди на Мишелин.
Расте побарувачката за домашни вина
Во Шведска има релативно малку површини под лозови насади, околу 150 хектари, но во последните две години тие се проширени за 50 отсто, а се очекува во рок од пет години да се удвојат. Во долгорочните предвидувања, тие би можеле да пораснат до 10.000 хектари и да станат важна индустрија на таа земја, вредна милијарда евра.
Интересно е и тоа што двојно е зголемена продажбата на домашното вино. Шведската државна компанија „Системболагет“, која има монопол на малопродажба на вино, пиво и други пијалаци кои содржат повеќе од 3,5 отсто алкохол, соопшти дека продажбата се зголемила од 19.388 литри во 2017 година на 34.495 литри до 30 ноември оваа година. И покрај малите количини, интересот на купувачите расте.

Главните сорти што се одгледуваат во Шведска се „соларис“, бело грозје отпорно на снег и мраз, кое е создадено во 1975 година во Институтот за одгледување грозје во Фрајбург, Германија, и „рондо“, за црвено вино, а се произведуваат најмногу бели, пенливи и розе вина.
Барањата за купување, наводно, доаѓаат од цела Европа и Азија, дури и од Јапонија. Иако оваа дејност започна на југот на земјава, се повеќе се засадуваат површини со винова лоза и се отвораат винарии уште посеверно.
