Во Битола минатата недела беше промовиран новиот закон за земјоделско осигурување. На трибината се презентираше новиот модел, како ќе функционира и кои ќе бидат поволностите за земјоделците. Од страна на земјоделците имаше позитивни излагања и дискусии, како и сугестии за доработување на Законот.
„Со овој нов закон ние ќе го напуштиме стариот систем на исплата на штети предвиден во Законот за заштита и спасување и ќе воспоставиме систем што ќе биде ефикасен и ќе биде под капа на државата затоа што ќе се формира земјоделски осигурителен пул, кој ќе подразбира дека целото осигурување во земјоделството ќе биде под една капа, под капата на државата, каде што од дефинирање на тарифите за полисите, до проценка и исплата на самите штети ќе биде контролирано од страна на државата.“, рече Александар Мусалевски од МЗШВ.
Како што информираа претставниците од МЗШВ, со донесувањето на овој закон, треба да се намалат бирократските процедури и исплатата за настанатите штети ќе биде извршена во текот на истата година кога е настаната штетата.
„Земјоделците не треба да бидат загрижени бидејќи овој Закон е во полза на земјоделците. Со него, сите штети што досега со стариот систем се исплаќале за 2-3 години, со новиот закон ќе се исплаќаат во тековната година кога настанала штетата“, објасни Мусалевски.
Во наредниот период претставниците од МЗШВ ќе продолжат на терен да одржуваат трибини и состаноци со земјоделците со цел да им го доближат новиот концепт на земјоделско осигурување.
„Во наредниот период ќе продолжиме со овој вид на трибини и сакаме новиот Закон за задолжително земјоделско осигурување да го доближиме до секој земјоделец, производител на земјоделски производи затоа што на Владата ѝ е битно секое воведувањето на секој нов систем да не биде еднострано само донесен од страна на Владата, туку да бидат запознаени сите земјоделци и да се уверат во она што го работиме.“, рече Мусалевски.
