Моминското срце или момински солзи е повеќегодишно растение кое со голем успех се одгледува во градините, но и на терасите. Многу е лесно за одржување и не бара голема нега. Моминските солзи може да го најдете во црвена, виолетова, розева и бела боја.
Овој необичен цвет прво се одгледувал во Кина, Кореја и Јапонија, а потоа пристигнал и во нашите краишта за да ги разубавува раскошните вили, но и скромните куќички бидејќи е многу декоративно.

Dicentra spectabilis е официјалното име на моминското срце, а е изведено од грчкиот збор decentra, што значи две мамузи и specitabilis што значи достоен за внимание.

Англичаните ова растение го нарекуваат и Bleeding Heart, што значи срце кое крвари.
Моминското срце цвета во април па дури и ако тогаш има мразови. Надземниот дел може да издржи до есен, а во текот на зимата надземниот дел на растението се губи, па нема ни да знаете каде сте го посадиле ако не го означите местото.

Растението сака сончево место, но успева и во полусенка. Садете го во пропустлива земја и наводнувајте го редовно, но нека не биде долго во влажно земјиште.
