Млекарницата „Зелене долине“ од Словенија е компанија која е во сопственост на 1 200 земјоделски фамилии кои имаат фарми со крави.
„Кога влегувавме во Европската заедница, постоеше страв од непознато, дали ќе се реализира она што е ветувано, но по некое време откако активно се ангажиравме во 2002 година па до денес, добивме 6 милиони евра неповратни средства и тоа воглавно за опрема и развој. Европа за нас од една страна значеше добивање на неповратни средства кои се користат за развој, а од друга страна добивање конкуренција од Европа која не натера што побрзо да почнеме активно да се развиваме и да конкурираме во Европа – вели Тони Цветковски финансиски директор во млекарница „Зелене долине“- Словенија, која е во сопственост на 1200 земјоделски семејства.
Тој вели дека успехот на млекарница, освен европските фондови, се должи на единството на фармерите и нивните заеднички интереси да заработат повеќе од своето производство. Тие постојано се во тек со целокупниот процес на произвoдство, а еднаш месечно, ја одредуваат цената на млекото, заеднички со менаџментот на млекарницата.
Освен позитивното влијание врз развојот на технологијата, европските фондови им помогнале и на фармерите во зголемување на производството.
-Од 2004 година кога влеговме во Европската заедница, се зголеми нашето производство од 80 на 100 милиони литри, а со тоа се зголеми и нашата продажба, така што до сега имаме реализација околу 60 милиони евра годишно. Значајно е што нашата компанија е во сопственост на земјоделците, на 1 200 земјоделски фамилии кои го продаваат своето млеко. Исто така и тие ги користат ЕУ фондовите, во штали, во механизација и го зголемуваат производството на млеко. Затоа сметам дека таквата соработка треба да биде секојдневна, ние се состануваме секој месец и ги дискутираме постоечките проблеми со кои се соочуваат и согласно нашите можности, настојуваме да се помогне соодветно – изјави Цветковски.