Денеска, министерот за Земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа оствари средба со претставнички на Телото на Обединети Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women).
На средбата се дискутираше за унапредување на соработката во рамките на програмата за родово одговорно буџетирање, која канцеларијата на UN Women ја имплементира во земјава. Претставничките на UN Women потенцираа дека секторот на земјоделството и руралниот развој е област од клучно значење за родовата еднаквост и затоа Министерството преку своите програми и родово сензитивни мерки може значајно да придонесе кон намалување на нееднаквостите кои постојат во земјоделството.
-МЗШВ ќе биде партнер во постигнување на заедничката цел: Унапредување на родовата еднаквост во Република Северна Македонија преку институционализација на родово одговорно буџетирање во стратешкото планирање на развојот на земјоделството и руралниот развој, креирањето на политиките и буџетските процеси, во согласност со меѓународните и националните обврски, вклучувајќи ја конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жените (CEDAW), целите за одржлив развој (SDGs) и Пекиншката платформа за акција (BPfA). Исто така, ќе се заложиме за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, креирање и промовирање на мерки за зголемување на можностите за вработување, како и креирање на мерки за признавање на неплатениот труд на жените во земјоделството и во семејството- истакна министерот.
