Премиерот Христијан Мицкоски ја охрабрува германската компанијата Лидл 50 проценти од производите во маркетите што ќе ги отвори во државава да бидат од македонски компании по прифатливи цени за граѓаните. Ветува дека Владата ќе испорача се што е во нејзина моќ за реализација на планираната инвстиција, но, како што вели, без посредници и без провизии.
Во одговор на новинарско прашање премиерот денеска содели информации од вчерашната средба со менаџментот на Лидл, а по која објави дека „на брза трака ќе го откочат процесот и оти за брзо ќе ги имаме ланците на маркети на оваа компанија“.
Очекувањата на Владата, како што рече, се и да се зголеми извозот на македонски производи во маркетите на Лидл насекаде во Европа.
-Компанијата е тука присутна повеќе години. Од тоа што ни беше презентирано повеќе од 100-ина милиони евра веќе се инвестирани. Наша цел е од процентот што ни беше претставен дека ќе бидат застапени македонски производи на рафтовите на копанијата, тој процент многу скоро да биде до 50 проценти. Не би зборувал кој е тој процент, но е далеку од тоа кој го очекуваме како Влада. Ние очекуваме таму да има минимум 50 проценти производи од македонски компании. Извозот кој сега е добар, има нагорен тренд, се дуплира, очекуваат од неколку стотини илјади евра во 2022 година, 2,5 милиони евра во 2023, сега 2024 и 2025 извозот на македонски производи да биде пет-шест милиони евра во Лидл маркетите насекаде во Европа, да биде зголемен. Да биде десет, 50 милиони евра, зошто да не и 100 милиони? Ценам дека доколку се сака, се може, изјави Мицскоки, по посетата на Царинската управа.
Очекува македонските производители и раководството на Лидл да работат во насока на постигнување на квалитетот и нормите што ги побарува компанијата за цена којашто е прифатлива за македонските граѓани.
-Јас ги охрабрувам, а ние како Влада ќе испорачаме се што е во наша моќ, без посредници, без провизии, без дај ми нешто, вака,така, па јас го знам овој, го знам оној и ќе ви ја завршам работата. Такви работи ќе немаат повеќе, ќе немаат такви пречки. Ние како Влада застануваме и секој оној кој мислел дека е некаков си посредник за олеснување со нив ќе мора да бара друга работа, рече Мицкоски.
Во објавата од вчерашната средба премиерот наведе дека „со менаџментот на ЛИДЛ кои подолго време превемаат активности за почеток на инвестицијата во државата размениле информации за бројните потешкотии и административни бариери со кои се соочувале од претходната Влада“. – Инвеститорите кои сакаат да вложат во економскиот прогрес и ќе вработат македонски граѓани не смеат да бидат ставени на страна. На брза трака ќе го откочиме процесот и за брзо ќе ги имаме ланците на маркети ЛИДЛ, стои во објавата на Мицкоски.
Во мај годинава Лидл сподели дека над 130 компании од државава биле запознаени со можностите за соработка, откако во октомври минатата година започнале со проект за промоција на македонски традиционални производи во Лидл Србија и Лидл Бугарија.
Лидл на 24 јануари годинава започна со инвестиција за изградба на логистички центар во Куманово, лоциран во индустриската зона Речица, а во јуни годинава купи имот на Скопски пазар АД Скопје во Општина Гази Баба кај локацијата на поранешен Бриколаж и веќе се одвиваат подготвителни градежни активности.
Лидл е дел од групацијата Шварц, присутен во 31 земја, со промет од 114 милијарди евра, 12 200 маркети и над 380 000 вработени.
МИА
Напишете коментар