Основните прехранбени производи, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните, и понатаму ќе се оданочуваат по најниска даночна стапка на ДДВ од пет отсто, како што е предвидено со Законот за данок на додадена вредност.
Оданочувањето на основните прехранбени производи е поблиску дефинирано со Одлуката за определување на добрата и услугите, кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, која Владата ја донесе на 28 септември, а стапува на сила од денеска. Донесените одлуки, велат од Министерството за финансии, нема да влијаат на пораст на крајната цена на основните прехранбени производи.
Листата останува долга и таа претставува најширока листа во однос на земјите од регионот и во земјите од ЕУ, а целта на донесувањето на одлуката за примена на повластена стапка од 5 отсто кај одредени производи е со цел заштита на стандардот на граѓаните, заштита на здравјето на граѓаните, како и оданочување со праведна даночна стапка на производите кои што не претставуваат основна човечка исхрана.
Одлуката содржи над 1600 производи, велат од МФ, кои со новата одлука ќе продолжат и понатаму да се оданочуваат со најниската даночна стапка од 5 отсто. Тука спаѓаат месо – говедско и свинско, кланични производи во саламура, чадено и сушено, риба – пастрмка, крап, други слатководни риби, ослич, млеко, павлака, путер, јајца и тн.
На листата меѓу другото се и семенски материјал, ѓубрива, земјоделски алати и механизација, а истата е дополнета со менструални производи.
Листата на производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10 отсто се производи кои не претставуваат производи за основна исхрана, односно имаат карактеристика на производи кои не се дел од секојдневната трпеза, и дел од производите кои не се препорачуваат за човековото здравје.
На оваа листа меѓу другите се различни производи од лососи, козјо месо, посебни видови на туна, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционален производи и се од растително потекло и слично. Исто така поместувањето на некои од производите на оваа листа се со цел и заштита на домашното производство и заштита на економијата.
-Направените измени се дел од пошироката даночна реформа, која претставува усогласување со европската легислатива, согласно препораките од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд и истатата е за поголема правично, праведност и заштита на стандардот на граѓаните. Исто така предлог-листата во рамки на инклузивниот процес што се водеше за воспоставување на новиот даночен концепт, беше споделена со сите засегнати страни и подолг период беше споделена со јавноста и преку веб-страната на Министерството за финансии.
Примената на овие две одлуки не влијае на донесената одлука на Владата за замрзнати цени на основните производи, велат од МФ, затоа што тие производи опфатени со владината одлука се дел од листата со повластена даночна стапка од пет отсто и кај нив нема промена.
МИА
Напишете коментар