Определување на времето на залевање според критичните фази на развој на културата
Овој метод се базира на познавање на фазите на раст и развој на поедини растенија и потребата за вода во тие фази. Имено, секоја култура и покрај тоа што има потреба од леснодостапна вода во текот на целата вегетација, сепак во критичните фази за раст и развиток на културата, евентуалниот недостаток на леснодостапна вода може многу силно да се одрази на приносот од културата. Така, кај пиперката и доматот како најкритични се издвојуваат почетните фази на раст (период на расад), при што се препорачува редовно залевање, не често (за да не се издолжи расадот), подобро поретко, но со доволно количество вода. Што се однесува до градинарските култури после нивното расадување, како критични периоди се издвојуваат периодот веднаш после расадувањето, со долна граница од 70% од ПВК.
Следните критични фази се: фаза на почетно цветање, масовно цветање, почетно зреење и масовно зреење. Во овие фази потребите на вода се над 80% од ПВК. Меѓутоа треба да се има предвид дека не треба шаблонски да се пристапува кон критичните фази на културата, односно овие периоди треба да се приспособени спрема климатските услови (температура и врнежи) и почвата.
Определување на времето на залевање според надворешните (морфолошки) промени
Недостатокот на вода во почвата предизвикува внатрешни физиолошки промени, кои се манифестираат и на надворешните морфолошки промени на растенијата. Токму овие промени можат да послужат во праксата на наводнување, со цел определување на времето на залевање. Имено, определувањето на времето на залевање преку овој начин се врши на база на следење на развојот и изгледот на растенијата, промената на бојата на листовите и тургорот на листовите, промена на аголот на листовите спрема стеблото итн..
Така кај грав и пиперка, интензивно зелена боја означува недостаток на леснодостапна вода. Доматот, краставицата и морковот добиваат темно зелена боја, додека при оптимална влажност имаат бледозелена боја. Кај кромидот и лукот, при недостаток на влага во почвата, листот добива сивкастобела превлака, додека врвовите на листот се увиткуваат.
Определување на времето на залевање според внатрешни физиолошки показатели
Кај овој метод, растението или дел од растението служи како индикатор за определување на времето на залевање. Имено, се зема дел од растението, најчесто листот и се врши анализа на концентрацијата на клеточниот сок (% на вода и на сува материја) или се следи смукателната сила на листовите. Некои автори го сметаат за еден од подобрите методи, бидејќи на некој начин го прашуваме и растението колку му се потребите за вода. При примената на овој метод, сепак треба да се имаат предвид и други фактори: климата, почвата, итн., со цел залевањето да биде правилно извршено.
Концентрацијата на клеточниот сок се одредува со помош на рефрактометар, и тоа најчесто рачен. Мерењето се врши наутро (9-10 часот) директно на поле и колку што е можно почесто (на секои 5-6 дена). За добивање на поточни резултати, се предлага мерење на листови од различните инсерции.
Кај градинарските култури, најинтензивен пораст се забележува кога содржината на клеточниот сок во листовите изнесува 90-95% вода и 5-10% суви материи. Со намалување на содржината на водата, само за 2%, порастот значајно се намалува, што на крајот влијае и на приносот. За да може овој метод, кај истата култура и почва да се користи поедноставно во иднина, се препорачува паралелно споредување на резултатите со класичниот метод, односно при одредена содржина на вода и суви материи во клеточниот сок на листот истовремено да се измери и количествата на влагата во почвата.
Водениот потенцијал на растението или воден стрес на растението и способноста за следење на истиот, стана многу актуелна тема во последниве неколку години. На база на овој параметар може да се оценат потребите за вода во растението.
Водениот стрес на растенијата ја комбинира тензијата на влагата во почвата, способноста на водата за движење во растението и потребите за транспирирање предизвикани од страна на температурата, релативната влага, ветерот итн.. Оттука мерењето на водениот стрес во растенијата укажува на водениот статус на растението. Високиот воден стрес предизвикува многу физиолошки процеси, како забавување или стопирање на процесот фотосинтеза, намалување на порастот на растенијата, а може евентуално да резултира со нивно угинување. Токму оценката на водниот потенцијал во растението може да се користи за оценка на потребите за вода и времето кога треба да се изврши.
Смукателната сила на листот (водниот потенцијал на листот) и на други делови од растението кои имаат спроводни садови (лист, гранчиња со лисја, гранче итн.) може да се следи со инстументот комора под притисок ”pressure chamber”.
Накратко, техниката на мерење со овој инструмент се базира на следново:
-откинување на дел од растението, лист со дршка или дел од гранче,
-вметнување на делот од растението во комората со дршката нанадвор, аплицирање на гас (најчесто азот),
-следење на појавување на првата капка од делот од растението поставен нанадвор и истовремено очитување на вредноста на дисплејот (вакуумметарот).
На база на податоци за силата со која се држи водата во делот од растението се оценува дали растението е под воден стрес, односно дали треба да се залева или не.
Инаку, негативна страна кај двата начина на мерење е тоа што резултатите што ќе се добијат не можат да се користат кај друга култура, сорта, почва итн..
Сепак, како позитивна страна се зема фактот дека, еднаш определените вредности за иста култура и на иста почва може да послужат за повеќе години.
Проф. д-р Вјекослав Танасковиќ, проф. д-р Ордан Чукалиев