После седум години активно учество во бројни процеси на Владата на Северна Македонија како советник на премиерот и национален координатор за европски прашања, министер за правда, вицепремиер за европски прашања и како главен преговарач за процесот на евроинтеграција денес му ја предадов функцијата на новиот министер за европски прашања Орхан Муртезани.
На новиот министер му посакувам успешно продолжување на процесот на евроинтеграција, брзо адаптирање на позицијата, посветеност и превземање одговорност за понатамошниот тек на преговорите со Европската Унија. Преговорите, реформската агенда и европските фондови се клучни меѓусебно поврзани процеси за натамошниот развој на државата.
Северна Македонија во изминатите седум години покажа исклучителен перформанс кога се во прашање евроинтеграциите. Процесот после повеќе од деценија беше одглавен, реформите беа препознаени и потврдени од Европската Комисија, започнавме преговарачки процес, обезбедивме успешен скрининг. Сега, новата Влада има обврска кон граѓаните да ги чува и развива постигнатите резултати и да работи на обезбедување на критериумите за нашето членство во ЕУ.
Македонските граѓани во огромно мнозинство се јасно определени за членство на Северна Македонија во Европската Унија, што е можно поскоро, со цел придобивки за сите државјани, учество во глобалните текови, регионална соработка, солидарност и слобода на движење.
Благодарен сум на укажаната доверба. Ќе продолжам да бидам активен и општествено одговорен граѓанин кој професионално дејствува во областа на европските интеграции.
Фејсбук статус на Бојан Маричиќ
