Ариље е место во кое се родила приказната за малини од Србија и ретки се оние кои не се занимаваат со производство или преработка на ова овошје. Малината стана синоним за овој крај, главно занимање на бројни мештани и темел на развој на целото подрачје. За производство на „црвеното злато“ државата во последните пет години значително помогна во дополнителното намалување на трошоците за производство низ системот за субвенции, но и набавка на квалитетен саден материјал.
Малините во семејството на Васа Недељковић од село Ступчевићи се одгледуваат пет децении, но посебен елан и волја за работа добиле кога најмладиот член на семејството, синот Светолик, одлучил традицијата да ја продолжи и да остане свој на своето.
„Кај мене за ваква одлука беше пресудна љубовта кон мојот крај, мојата земја, тука основав семејство и одлучив да ја продолжам работата која ја започнаа моите родители и гледам тоа да го правам што поквалитетно и подобро“, вели Светолик.
Неговиот татко Васко не ја крие радоста што неговиот наследник донел таква одлука и истакнува дека после тоа тргнале во интензивно производство.
„Кога видов дека Светолик ќе остане оввде тргнавме во купување на земја, бидејќи немавме доволно и почнавме да ги прошируваме насадите. Тој сам донесе таква одлука иако имаше можности да оди да работи во Шведска и Америка и мене како на родител тоа многу ми значеше“, истакнува Васо. Овие вредни домаќини малината ја одгледуваат на 3,5 ха и одлучиле посебен акцент да стават на зголемување на приносот, а најдобар сојузник во тоа добиле токму во својата држава низ разни субвенции.
„Ако сакам квалитетен расад на малина, државата тоа ми го субвенционира со дури 90 отсто. Мојата работа е да најдам квалитетен расад, да го засадам, да го почекам времето кога ќе излезе конкурсот за субвенции, да ги предадам сите потребни документи во Министерството и да чекам реализација. За среќа во последните неколку години тоа одлично функционираше и еве ги резултатите“, вели Светолик и со гордост го покажува својот малинарник кој оваа година е полн како ретко досега.
Таткото Васо се сложува со тврдењето на својот син и додава дека без субвенции не е можно занимавање со сериозно производство.
„Помошта од државата низ субвенции многу значи, ние на тој начин дојдовме до машини кои ни се неопходни во нашето производство и кои тешко би можеле да ги набавиме без тоа“.
Оваа година најмногу пари се вложени во противградобијна заштита и тоа шест милиони денари.
„Точно е дека добар дел од одгледувачите сега ги осигуруваат насадите, меѓутоа не е поентата да се земат парите од осигурувањето бидејќи луѓето кои се занимаваат со малини навистина го сакаат, се соживеале со тоа производство и замислете го нивното чувство кога после непогодите ќе влезат во своите малинарници и ќе ја видат таа глетка, а вложиле толку труд и работа. За жал се случува многу често среде град да бидат искршени и младите изданоци за следната година, а тие не можат да се осигурат, тоа претставува голем проблем. Поради тоа одлучивме значителни средства да вложиме во набавка на противградобијни ракети“, нагласува претседателот на општина Ариље, Предраг Маслар.
А кога државата, локалната самоуправа и малинарите играат во ист тим тогаш освојувањето на титулата на светски првак е неминовно, бидејќи само тимската работа донесува резултати, тврди Светолик.
„Тоа значи дека сме ние производителите задоволни колку државата посвети внимание и ни помогна нам, сега е моментот и ние малинарите да ѝ вратиме на нашата држава така што нашата малина најквалитетно ќе ја обработиме и произведеме, од тој производ да не се срамиме туку да се гордееме кога ќе се појави на тезгите или во маркетите ширум земјата, регионот, Европа, а се надеваме и светот, каде што ќе биде препознатлива како наш српски бренд“, заклучува Светолик.
Извор: agropress.org.rs