Мајчината душичка е подеднакво добро позната и во медицината и во кулинарството. Се користела како традиционален зачин од памтивек за чорби и разни супи како и сосови од домати. Мајчината душичка е повеќегодишно растение од семејството „Labiatae“, потекнува од медитеранските земји, особено е погодно за карпести предели.
Сака сува почва и целосно сончева позиција. Се одгледува на отворено. Нејзината предност е нискиот раст и тоа што не бара многу грижа. Има пријатен мирис, а погодна е и за сушење.
Често се користи за пополнување на пукнатините во старите камени sидови или помеѓу камењата со кои е поплочена патеката на градината. Најважно е да се обрне внимание на добрата дренажа, бидејќи карпестите растенија напредуваат само на пропустливи почви каде што не постои опасност од застоена вода.

Мајчината душичка е лековито растение кое не содржи никакви штетни состојки. Латинското име на ова растение е „Thymus serpyllum“ а во народот е познато како бабиба душичка, див босилек, темјаника, градински темјан…
Лековитите својства на мајчината душичка се наоѓаат во цветот и во листот. Од оваа причина, секогаш внимавајте како ја берете, никогаш не ја кинете, туку пресечете ја со срп или со ножици.
Времето на берба на мајчината душичка е од мај до септември.
Забелешка: Пред цветањето, стеблата се собираат, се врзуваат и се закачуваат на топло место со добро струење на воздухот. По цветањето, мајчината душичка треба да се исече.
