До редакцијата на АГРОТИМ се обратија лозари од кавадаречко кои ги подготвуваат документите за апликација на Јавниот повик број бр.04/19 за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари
Велат дека ги подготвиле сите потребни документи освен доказ за намирени обврски по однос на даночни обврски и придонеси по основ на: персонален данок на доход, данок на додадена вредност, данок на добивка, придонеси од задолжително социјално осигурување од Управата за јавни приходи.
Со оглед дека времето е кратко, а од УЈП сеуште не им одговориле на барањето, стравуваат дека нема да стигнат до 22 јануари кога е крајниот рок за апликација.
Агротим ја контактираше директорката на УЈП, Сања Лукаревска која не информираше дека нема никаков проблем и од понеделник сите лозари кои што поднеле барање до УЈП ќе го добијат потребниот документ.
–Како и секогаш тука сме за граѓаните и за нивните потреби. Веќе од понеделник лозарите кои поднеле барање ќе го добијат потребниот документ за аплицирање на јавниот повик од МЗШВ – изјави Лукаревска.
Потсетуваме кои документи се потребни за апликација на Јавниот повик број бр.04/19 за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари
ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА ПОНУДУВАЧОТ ТРЕБА ДА ЈА ДОСТАВИ СО ПОНУДАТА
Учесниците на јавниот повик за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост во закуп треба да достават:
а) за правни лица:
- пoнуда (образец од подрачна единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство или од веб страната на Министерството www.mzsv.gov.mk);
- понуда (образец од подрачна единица на Министерството),
- доказ (акт) издаден од Централниот регистар на Република Северна Македонија за извршениот упис во трговскиот регистар или од друг надлежен орган за упис на правните лица,
- доказ за намирени обврски по однос на даночни обврски и придонеси по основ на: персонален данок на доход, данок на додадена вредност, данок на добивка, придонеси од задолжително социјално осигурување,
- бизнис план кој содржи основни податоци за учесникот, целта за која ќе го користи земјиштето, применета технологија, број на вработени, пазарни аспекти и очекувани производно-економски резултати и износ на планирана инвестиција (бизнис планот треба да биде потпишан на секоја страна од страна на управителот на правното лице или од овластено лице за потпис со прилог овластвање заверено на нотар),
- изјава дадена под целосна материјална и кривична одговорност дека понудата се поднесува независно без договор со другите учесници на јавниот оглас, а која е во спротивност на членот 24 од овој закон,
- изјава заверена на нотар за веродостојноста на податоците дадени со пријавата за учество,
- доказ за материјално – техничка опременост (сообраќајна дозвола, фактура, договор за купопродажба заверен на нотар, правосилна судска одлука или акт на друг надлежен орган) или доказ за користење на трактор како основно средство за обработка на земјоделското земјиште (договор за лизинг или договор за послуга заверени на нотар),
- понуда за износот на годишната закупнина,
- изјава (заверена на нотар) од основачите и одговорното лице во правното лице дека не биле основачи или управители на правното лице кое користело земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, а кое не ги исполнило обврските од тој договор и
- геодетски елаборат за кое земјоделско земјиште во државна сопственост се однесува понудата за добивање во закуп (изработен од страна на трговец поединец овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи со кој ги определуваат катастарските податоци со точни мери и граници на земјоделското земјиште во државна сопственост над кое постои долгогодишен насад).
б) за физички лица:
- понуда (образец од подрачна единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство или од веб страната на Министертвото www.mzsv.gov.mk);
- доказ за намирени обврски по однос на даночни обврски и придонеси по основ на: персонален данок на доход, данок на додадена вредност, данок на добивка, придонеси од задолжително социјално осигурување,
- фотокопија од лична карта,
- потврда за упис во единствениот регистар на земјоделски стопанства, решение за регистриран вршител на земјоделска дејност или доказ од централен регистар за регистриран трговец поединец,
- програма за користење на земјиштето која содржи основни податоци за семејството, техничко – технолошката опременост, целта за која ќе го користи земјиштето и пазарните аспекти и износ на планирана инвестиција (програмата треба да биде потпишна на секоја страна од подносителот на понудата),
- изјава за веродостојноста на податоците дадени со пријавата заверена на нотар,
- изјава дадена под целосна материјална и кривична одговорност дека понудата се поднесува независно без договор со другите учесници на јавниот оглас, а која е во спротивност на членот 24 од овој закон,
- доказ за материјално – техничка опременост (сообраќајна дозвола, фактура, договор за купопродажба заверен на нотар, правосилна судска одлука или акт на друг надлежен орган) или доказ за користење на трактор како основно средство за обработка на земјоделското земјиште (договор за лизинг или договор за послуга заверени на нотар;
- понуда за износот на годишната закупнина,
- изјава заверена на нотар дека не бил основач или одговорно лице во правното лице кое користело земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, а кое не ги исполнило обврските од тој договор и
- геодетски елаборат за кое земјоделско земјиште во државна сопственост се однесува понудата за добивање во закуп (изработен од страна на трговец поединец овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи со кој ги определуваат катастарските податоци со точни мери и граници на земјоделското земјиште во државна сопственост над кое постои долгогодишен насад).
Потребната документација се доставува во оригинал или во фоткопија заверена на нотар.
Условите предвидени во бизнис планот (за правни лица), односно пазарните аспекти (кај физички лица) ќе бидат составен дел на договорот со избраниот понудувач како договорни обврски кои ќе биде должен да ги исполни во обемот, роковите и на начинот како што ќе бидат опишани во договорот.
Некомплетни и ненавремено доставени понуди по јавниот повик нема да се разгледуваат.
Напишете коментар