Локалниот совет за превенција во Берово упати апел до земјоделците и останатите учесници во сообраќајот за поголема внимателност и почитување на сообраќајните правила при користење на земјоделската механизација на јавните патишта.
Во рамки на своите активности насочени кон унапредување на безбедноста во сообраќајот, Советот изготви информативен флаер со препораки за безбедно управување со трактори и друга земјоделска механизација, со цел намалување на ризикот од сообраќајни незгоди и заштита на сите учесници во сообраќајот.

– Со почетокот на сезонските земјоделски активности се зголемува присуството на земјоделски машини на патиштата, поради што е неопходно доследно почитување на сообраќајните прописи и користење на исправна и соодветно обележана механизација. Преку оваа превентивна активност настојуваме да се подигне свеста кај возачите на земјоделска механизација за нивната одговорност во сообраќајот и да се придонесе за намалување на бројот на несреќи, информираа од Локалниот Совет за Превенција.
Оттаму ги повикаа земјоделците и останатите учесници во сообраќајот да се запознаат со препораките содржани во флаерот и со одговорно однесување да придонесат за побезбедни патишта и зачувување на човечките животи.

Меѓу препораките се истакнува потребата од технички исправна механизација, користење на соодветна светлосна сигнализација и почитување на сообраќајните правила при движење по јавните патишта. Од Локалниот совет за превенција нагласуваат дека превенцијата и совесното однесување на секој учесник во сообраќајот се клучни за намалување на бројот на несреќи и создавање побезбедна сообраќајна средина за сите.
МИА
