Време е за одговорен туризам. Патување кое подразбира оптимално користење на природните ресурси, кои се, всушност, клучен елемент во туристичкиот развој: почитување на социолошко–културната автентичност на заедниците домаќини, зачувување на нивното културно наследство и вредности, обезбедување социо–економски бенефити за сите засегнати страни што се фер распределени, стабилни можности за вработување и за остварување приход, постоење социјални сервиси насочени кон заедниците домаќини и придонес кон борба против сиромаштијата.
Ова е главниот фокус на 46. издание на „Лице в лице“ посветено на важноста од создавање одржлив и одговорен туризам, чијшто натамошен развој треба да биде во согласност со глобалните Цели за одржлив развој (Sustainable Development Goals – SDG), но и број посветен на природните убавини и потенцијали што ги има нашата земја, при тоа нудејќи незаборавно активно и авантуристичко искуство.
Проекциите се дека одговорниот туризам ќе може да ги намалува на минимум негативните социјални, економски и еколошки влијанија, и во исто време, да создава поголема економска корист за локалните заедници, да ги подобрува работните услови и да ги вклучува локалните луѓе во донесувањето одлуки што влијаат врз нивниот живот и можности во животот. При тоа, позитивно ќе придонесува за зачувување на природното и на културното наследство, а почитувајќи го диверзитетот, ќе обезбедува и поголемо уживање за туристите преку подлабоки конекции со локалната заедница, како и поголемо разбирање на локалните културни, социјални и еколошки теми. И исклучително важно, ќе обезбедува пристап за луѓе со попреченост.
-Топката е кај нас, патниците. Искуствата ни ги прават автентичните луѓе, тие што успеале да го зачуваат шмекот, миризбата и духот на географијата во која живеат со генерации, тие што успеваат од локалното да направат глобално искуство за посетителот.
Тоа е искуството што патникот ќе си го земе назад во својата земја и ќе зборува за Македонија низ очите на Нада од Глобочица што стрпливо реди кора по кора под сачот за да направи ѓомлезе, и низ торбата на Богдан од Брчево од која ѕиркаат чаевите од највисоките делови на Јабланица, вргањ и полжави собрани по последниот дожд.
Информацијата дека нашиот оброк направен на овој начин и понуден во дворот на куќата во која домаќините, всушност, живеат, исплатува цел синџир тешка работа, но донесена со ќеф и со знаење. И тоа само го зголемува чувството дека, конечно, стануваме одговорни патници, тие што правејќи си ќеф со нови искуства и доживувања, ја крепат основната клетка на економијата, онаа локалната – пишува главната уредничка на „Лице в лице“, Климентина Илијевски, во воведниот збор за новиот број.
Катерина Василеска од платформата „Genuine Experiences“ изјавува дека одржлив пристап во туризмот значи користење на постојните ресурси штедливо и на начин што истовремено ќе ги задоволи нашите потреби, без притоа да се загрози опстанокот на следните генерации.
На пример, ако денеска имаме потреба од повеќе хотели за да сместиме повеќе туристи и да имаме поголем приход, може да изградиме уште 100 нови хотели во Охрид што ќе ни овозможат да го оствариме тоа што го сакаме, ама ќе им го загрозат животот и секојдневието на идните генерации – вели Василеска.
Таа смета дека масовниот туризам, кој е доминантен во моментов во Македонија, е сосема неодржлив и дека, освен профитот за мал број луѓе, нема никакви други придобивки.

Александар Донев од „Mustseedonia“, организација за промоција и за развој на одржливи патувачки искуства и одговорни активности на отворено, вели дека сме сведоци на сериозни промени на трендовите што ја обликуваат големата туристичка индустрија, која вработува еден од десет луѓе на светско ниво.
Вообичаениот туризам има пораст од пет проценти на годишно ниво, додека автентичниот – авантуристичкиот туризам расте со повеќе од 65 проценти во последните седум години. Во новата нормална состојба овие бројки се уште поголеми и сите анализи и предвидувања се во корист на авантуристичкиот туризам и покажуваат дека повеќе од кога било туристите даваат приоритет на одржливата и одговорна практика и на престојот во природа, во мали групи и сакаат нивното искуство да има што помал импакт на животната средина, да биде автентично и да ѝ помогне на локалната заедница што ја посетуваат – вели Донев и додава дека за развој на одржливиот туризам во земјава, пред сѐ, e потребна национална стратегија, која и вистински ќе се спроведува.
Ова издание на „Лице в лице“ ги открива и сите автентични македонски предели кои се препорачуваат како задолжителна станица за сите што сакаат да комбинираат активен и културен туризам, и при тоа, повикува на истражување на места кои носат незаборавни искуства, како летање со параглајдер, искачување карпи и планини, возење велосипед, нуркање…
Новиот број на списанието за одржлив развој носи важни теми и во останатите рубрики, пред сѐ, врзани за инклузијата, активизмот во културата, одржливата исхрана, климатската правда, и многу други.
На последната страница, пак, е 19-годишниот Валентин Ракип, продавач на уличното списание, кој долго време, заедно со уште 700 лица „фантоми“ во нашата земја, бие бирократско-лавиринтска битка за лични документи.
