Освежителна, вкусна и лесна за подготовка, оваа ладна салата со тестенини е совршен избор за летен ручек, вечера или како оброк што лесно се носи на работа. Комбинацијата од пилешко месо, свеж зеленчук и пармезан создава богат вкус кој ќе го освои секој љубител на лесни и хранливи јадења.
Потребни состојки за салатата:
- 250 грама фусили тестенини
- 120 грама шери домати
- 1 свежа краставица
- 150 грама пржен пилешки стек
- 2 лажици ситно сечкан свеж магдонос
- 25 грама рендан пармезан
За преливот:
- 4 лажици маслиново масло
- ½ лажичка медитерански зачин
- свежо мелен црн бибер по вкус
- морска сол по вкус
- 2–3 лажици свежо исцеден сок од лимон или балсамико оцет
Начин на подготовка:
Сварете ги тестенините според упатството на пакувањето. Исцедете ги, исплакнете ги со ладна вода и оставете ги целосно да се изладат. Шери доматите пресечете ги на половина, краставицата исечете ја на коцки, а пилешкиот стек на тенки ленти или коцки. Додајте гo сечканиот магдонос и посолете по вкус.
Во посебен сад измешајте ги маслиновото масло, медитеранскиот зачин, црниот бибер и сокот од лимон или балсамико оцет. Во голем сад соединете ги тестенините со останатите состојки, прелијте со преливот и внимателно промешајте. На крај посипете со рендан пармезан.
Послужете ја салатата добро изладена како самостоен оброк или како вкусен прилог.
МИА
