Општина Куманово почна со подготовка на Стратегијата за рурален развој на Општина Куманово за периодот 2021/25 година. Денеска се одржа првата работилница за изработка на стратегијата како дел од програмата на сектор за евроинтеграции и меѓународна соработка, стратешко планирање, креирање политики, следење и локален економски развој.Стратегијата ќе биде водич кој ќе ја насочи општината кон нејзиното дејствување во наредниот период.
– Денеска е првата работилница за изработка на стратегија за рурален развој која е ставена во програмата на сектор за евроинтеграција и меѓународна соработка ЛЕР и во рамки на изработка на оваа стратегија се предвидени пет работилници. На последната стратегија треба да учествуваат советниците од општина Куманово каде ќе биде претставена драфт верзијата на стратегијата. На оваа работилница се поканети сите засегнати страни коишто се вклучени во делот на рурален развој, здружение на земјоделци, здружение на угостители, граѓански организации, претставници од урбанизам, локален економски развој, евроинтеграции и други, изјави раководителката на одделението за стратешко планирање, креирање политики и ЛЕР, Донка Петровска.
Целта на стратегијата е да ги земе предвид моменталните потреби и да ги предвиди потенцијалите за развој во опкружувањето, да ги идентификува можностите и приоритетите за дејствување и рурален развој, преку кои би се поттикнале и поддржале потребите и интересите на руралното население во државата.
– Во претходните три години општина Куманово веќе подготви три стратешки документи, стратегија за локален економски развој, стратегија за туризам како и стратегија за локален социјален совет. Стратегијата всушност ќе биде основа за аплицирање на ИПАРД програмата којашто слушаме во последниов период дека ќе биде подиректно финансирање така што ќе можат да ја користат освен општина Куманово и другите локални институции и граѓански организации-појаснува Петровска.
На работилницата е изработена анализа, утврдени се приоритетите врз чија основа ќе се предвидат активности.
Извор: МИА
