Од Кина, како најбрзо растечки вински пазар на светот, стигнуваат убави вести за целата индустрија на вино. И покрај сите очекувања, пандемијата на корона вирусот , во оваа земја не доведе до намалување на потрошувачката на вино, туку напротив радикално ги промени потрошувачките навики на Кинезите. Имено, љубителите на вино во оваа земја почнаа да консумираат вино дома, како што прават луѓето на запад.
Извештајот на Wine Intelligence, направен врз основа на анкетата меѓу љубителите на вино во 12 кинески градови, покажува дека просечен купувач на вино од почетокот на пандемијата купува почесто и троши повеќе вино отколку пред почетокот на карантинските мерки.
– „Наша хипотеза беше дека рестрикциите кои ги воведе кинеската влада ќе имаат негативен ефект врз потрошувачката на вино“, изјавил Ричард Халстед, прв човек на Wine Intelligence, додавајќи дека таа хипотеза била заснована на фактот дека Кинезите вино најмногу пијат во рестораните и баровите. Наместо тоа, потрошувачката на вино дома драстично се зголемила.
– „Создадени се нови можности за уживање во виното, како што се на пример онлајн состаноци со пријателите и испивање на чаша вино попладне или навечер пред спиење“-додава Халстед.
Анкетата открила дека дури 57% од учесниците во истражувањето пијат вино во текот на онлајн седенки, а една третина од нив навеле дека тоа се случува два или повеќе пати неделно.
Халстед изјавил дека овој тренд го предводат луѓе кои веќе навикнале да пијат вино и дека како што навел тој „оваа група на потрошувачи ги охрабрила своите пријатели и тие да почнат да пијат вино во тие прилики и во поголема мера да го купуваат виното за уживање дома“.
Се подразбира дека најмногу корист од овој тренд имаат онлајн продавнциите.
–Најголемиот дел од купувањето отпаѓа на дигиталните продавници – се наведува во извештајот кој, со оглед на значењето на Кина како пазар има огромно стратешко значење за сите вински региони во светот и сигурно ќе има голем одек помеѓу трговците со вино.
Секако, непознато е дали овие навики ќе ја преживеат пандемијата или Кинезите ќе се вратат на старите навики – уживање во вино во големо друштво, во ресторани и барови, или ќе стекнат нови хедонистички навики кои наликуваат на оние од развиениот Запад, каде домашната консумација е сосема вообичаена и претставува дел од потрошувачката навика на средната класа. За сега се чини дека кинеските винопијачи го откриле задоволството на уживање во сопствениот дом со чаша добро вино.
– „Ги прашавме луѓето кои им се приоритетите за периодот после пандемијата. Изгледа дека убавиот и удобен живот и уживање во луксуз, вклучувајќи го и виното, сега се наоѓаат пред големите социјални настани и патувања во странство“, наведува Халстед.
Што и да се случи после пандемијата, едно е извесно: проценките дека винската сцена во Кина ќе претрпи голема штета се покажале како погрешни, што е прекрасна вест за целата винска планета па и за нашите винари кои последните години интензивно бараат начин за пласман на овој голем и пробирлив пазар.
Извор: Agronews
Напишете коментар