Во просториите на Министерството за здравство, под покровителство на министерот за здравство Сашо Клековски, се одржа координативен состанок за актуелната состојба со болеста Западнонилската треска.
На состанокот учествуваа претставници на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и со претставници од Град Скопје и Општина Кисела Вода, со претставници од релевантните стручни служби.
Средбата се одржа во духот на концептот „Едно здравје“ (One Health) – пристап кој ја препознава тесната поврзаност меѓу здравјето на луѓето, здравјето на животните и животната средина.
Западнонилската треска е јасен пример за потребата од ваков интегриран пристап. Вирусот природно циркулира меѓу птиците и комарците, а преку убод од заразен комарец може да се пренесе на луѓето и животните, особено коњите. Токму затоа, ефикасната превенција и контрола бараат заедничко и координирано дејствување на здравствениот, ветеринарниот и локалниот сектор, како и следење на факторите од животната средина.
На состанокот беше направен заеднички пресек на состојбата и досега преземените активности, со цел усогласување на конкретните оперативни мерки, рокови и одговорности на секоја институција за следниот период.
Пристапот „Едно здравје“ значи една заедничка цел – навремено препознавање на ризиците, превенција и заштита на здравјето на населението преку координирана грижа за луѓето, животните и животната средина.
