Денес, в.д. директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Ивица Ангеловски и Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, одржаа заедничка прес конференција за медиумите, на која ги промовираа новите дигитални услуги на инспекторатот, кои се ставени во функција на порталот за електронски услуги uslugi.gov.mk.
Државниот инспекторат за земјоделство е меѓу првите институции во државата, која што пристапи кон дигитализација на своите услуги, така што во наредниов период компаниите ќе имаат можност да аплицираат и да ги добијат по електронски пат документите „Уверение за квалитет – сертификат за земјоделски производи, преработки и стоки“ и „Уверение за квалитет V1 – сертификат за извоз на вино“.
Со оваа дигитализација се поедноставува целокупната постапка за користење на услугите, се скратува времето потребно за добивање на сертификатите, се елиминира потребата од нивно лично подигнување во Инспекторатот и се намалуваат финансиските трошоци што компаниите ги имаат при користењето на овие услуги.
Со овие активности правиме уште еден значаен чекор кон современа, ефикасна и транспарентна јавна администрација, која е во служба на граѓаните и стопанството и ги следи современите дигитални стандарди.
