Дрвокрадство, односно бесправни сечи имало отсекогаш и тешко се застанува на пат на оваа појава, но ние како јавно претпријатие правиме максимални напори тие да бидат што помали, а на надлежните повисоки инстанци е да определат поголеми казни кои треба редовно и на време да се спроведуваат, што секако ќе влијае на намалувањето на дрвокрадството, рече директорот на ЈП „Национални шуми“, Валентин Груевски.

Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите (Сл.в.на РМ, бр.160од 31.10.2014г.), чл.81, ст.3, „Реонското чување на шумите го врши шумочуварска служба во состав на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми”.
При извршени бесправни дејствија припадникот на шумочуварската служба, постапува на следниот начин:
-врши преглед на местото каде што е извршено бесправното дејствие во шумочуварскиот реон и ја утврдува направената штета на бесправно посечената дрвна маса, ги означува пенушките и врши жигосување на затекнатата бесправно посечена дрвна маса со шумски жиг за направена шумска штета;
-врши преглед на средствата со кои се превезува или пренесува бесправно исеченото дрво и дрвните сортименти, врши премер на дрвото и дрвните сортименти и ги жигосува со шумски жиг за направена шумска штета;

-за бесправно исечената дрвна маса изготвува записник и
-доколку е познат сторителот на бесправното дејствие, за бесправно исечената дрвна маса поднесува пријава до одговорното лице во подружницата на шумско стопанство на ЈПНШ.
„Согласно анализираните податоци од електронските извештаи за активноста на шумочуварската служба кои Подружниците ги доставуваат до Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола, најзагрозени региони од дрвокрадството се Подружниците: Караџица-Скопје, Јабланица-Струга, Лопушник-Кичево и Црн Бор-Прилеп, каде е евидентирано највеќе нарушувања со бесправно посечена дрвна маса.“, рече Груевски.
Реонските шумочувари со полни раце работа
Пред неколку дена, потошно во предвечерието на 4 август, во атарот на село Кнежино, во Шумско стопанската единица Дреново, оддел 13, со која стопанисува подружницата Лопушник од Кичево, од страна на реонските шумочувари повторно биле затекнати лица кои бесправно превезуваат буково огревно дрво, нежигосано и без испратница. По извршената редовна контрола, бесправно исечените дрва се одземени, а против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од ЈП „Национални шуми“.

