Портпаролот на Министерството за трговија на Кина, Гао Фенг денес негираше дека постои „присилна работа“ во производството на памук во оваа земја, пренесува Кинеската медиумска група.
Тој на конференцијата за новинари одговорил на изјавата на компанијата H&M и други мултинационални претпријатија за бојкотирање на памукот од Синџијанг-ујгурската покраина бидејќи се загрижени поради присилната работа на која, како што тврдат, се изложени малцинските заедници
-Таканаречената „присилна работа“ во покраината Синџијанг е во целост измислена. Ниедна сила не смее да го оцрнува чисто белиот синџијански памук – изјавил Гао.
Додал дека Кина „се спротивставува на мешањето на странски ентитети во синџијанските работи и во внатрешните работи на Кина“.
-Се спротивставуваме на санкциите кон поврзаните кинески ентитети и поединци на основа на лаги и лажни информации или под изговор за прашања за човековите права во Сиџијанг – изјавил Гао.
Додал дека кинеската влада ги поздравува и поддржува мултинационалните претпријатија да се занимаваат со вообичаената работа и воспоставување на индустриски ланец во Кина.
Кинеските потрошувачи веќе со практични акции одговориле на бизнис-одлуките на поедини претпријатија за бојкот на стоката од покраината Синџијанг, која е најголем производител на памук во Кина.
-Кина се надева дека поврзаните претпријатија ќе го почитуваат пазарниот закон, ќе ги поправат погрешните акции, и ќе избегнуваат политизација на комерцијалните прашања. Истовремено, Кина ги поздравува странските претпријатија да го посетат Синџијанг и сака активно да пружи поддршка на претпријатијата од сите земји да вложуваат во Синџијанг“, изјавил Гао.
Извор: Бета
