Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин извршија увид на капацитетите на новата Подрачна единица на МЗШВ во Долно Лисиче.
„Заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска извршивме увид на капацитетите на новата Подрачна единица на МЗШВ, која наскоро ќе биде отворена во склоп на просториите на месната заедница Долно Лисиче.
Ние како матично Министерство, постојано работиме на подобрување на условите на подрачните единици на МЗШВ, во насока на олеснет пристап до информации и услуги за земјоделците.
Во Општина Аеродром досега немаше подрачна единица на МЗШВ, но во соработка со градоначалникот, обезбеден е простор во кој наскоро ќе биде отворена за работа, нова подрачна единица за потребите на МЗШВ.
Со овој чекор, ќе им овозможиме на земјоделците кои гравитираат во овој реон, полесен пристап до нашите услуги“, напиша министерот Хоџа на неговиот фејсбук-профил.

Исто така, посетата на Долно Лисиче беше искористена за разгледување на можностите за руралниот развој, односно искористување на средствата од ИПАРД-фондовите. Притоа беше извршен увид на еден од веќе реализираните проекти, поточно езерото рибник „Јасика“ во Долно Лисиче. Министерот Хоџа изрази задоволство на потенцијалите што ги нуди просторот и даде поттик за зголемување на можностите за развој на земјоделството и руралниот туризам преку инвестиции во аквакултурата.

