Во својата прогноза за приносот на културите за април 2023 година во Европа, JRC MARS Crop Monitoring даде подетален преглед на условите за сеидба за четири култури: пролетен јачмен, шеќерна репка, пченка и сончоглед.
Во северните региони преголемото количество влага го одложи почетокот на пролетната сеидба на јачменот. Во Шпанија, која е најголем производител, сеидбата беше завршена на крајот на декември. Сепак, главните производни површини се погодени од суша и ниска влажност на почвата, што негативно влијае на растот и развојот на културите.
Во Франција заврши во март, а во Германија на почетокот на април со доволно врнежи. На глобално ниво може да се каже дека обилните врнежи и студеното време ја одложија сеидбата, но во повеќето земји таа е завршена.
Во најголем дел од производните подрачја, студениот бран и врнежите ја прекинаа започнатата сеидба на шеќерна репка. Во Франција до крајот на март беше засеана само осум отсто од површината, додека во Холандија до средината на април беа пријавени помалку од 10 отсто. Ваквите значителни доцнења се очекува да имаат негативно влијание врз потенцијалот за принос.
На северот од Европа сеидбата се забрза во текот на првата половина на април со доаѓањето на поповолни услови, а прогнозите се дека ќе заврши до крајот на месецот. Се наведува дека условите за ран развој се поволни. Сеидбата на југ е завршена.
Почна и сеидбата на пченка и покрај локалните студени временски услови. Започна на почетокот на април во југозападните региони на Франција, Јужна Полска и Германија, со поволна влажност на почвата за одржување на добар раст на растенијата. Слична е ситуацијата и кај другите членки на Унијата.
Во Италија и Шпанија поради сушата и намалениот капацитет за наводнување очекуваат помала засеана површина.
Интензитетот на сеидба на сончоглед е забавен. Во Романија и Бугарија, кои се главни производители во ЕУ, почна во оптимално време, во втората половина на март, но поради честите врнежи и студот дојде до задоцнување. До средината на април беа засеани околу 25 отсто од планираните површини.
На југ проблем е сушата и потребно е наводнување за никнување на посевите. Сушата е најизразена во Шпанија, додека условите во Франција се поповолни.