Зумбулот (lat. Hyacinthus) е повеќегодишна билка со подземно стебло во облик на луковица.
Луковицата на зумбулот е крупна и создава неколку месести листови и едноставни стебла кои растат до 50 см во висина. Листовите целосно се развиваат дури по цветањето. Цветовите се миризливи и можат да бидат со различни бои, во зависност од сортата.

Латинското име на зумбулот, Hyacinthus потекнува од истоимениот цвет, кој, според Хомер, изникнал од крвта на убиениот Хијацинт.
Зумбулот го споменувале бројни писатели во своите дела, а најчесто се користел како метафора за убавина.
Видови зумбули
Постојат два основни вида зумбули: холандски зумбул (Hyacinthus orientalis), кој има густо набиени цветови и може да биде со бела, розева, кремаста, црвена и виолетова боја и римски зумбул (Hyacinthus orientalis albulus) со поретко распространети цветови на стеблата, има поинтензивен мирис и може да се најде во розева, бела и сино-виолетова боја.

Садење
Потребно е сончево или полусончево место, а зумбулите се садат во хранливи, добро дренирани почви. Во потешките почви се додава песок.
Луковиците се поставуваат на длабочина од околу 10 см и треба да се внимава при садењето да бидат цврсто притиснати во земјата за под нив да не остане воздух, што може да предизвика гниење. Се садат на растојание од 15 до 20 см.

Ако задоцните со садењето, или земјата е се уште замрзната, можете да го засадите зумбулот во саксии и подоцна да го пренесете во градината. Луковицата се става во средината на садот и се изолира од сите страни со земја. Може да се засадат и неколку луковици во еден сад, но треба да се внимава тие да не се допираат една со друга.
Садот се остава на умерено ладно место, а луковиците се полеваат дури кога земјата ќе се исуши. Во овој период, луковиците развиваат корен, а растението можете да го извадите надвор на пролет. Откако ќе порасне, зумбулот се сади на сончево место во градината, во растресита и добро дренирана почва, која по потреба ќе ја прихраните со органско ѓубриво.

Луковиците по цветањето може да се остават во земја и сами ќе се размножуваат, но во тој случај цветањето наредната година ќе биде послабо. Доколку се извадат од земја, треба да се чуваат на температура од 6 до 10 степени Целзиусови.
