Состојбата на пазарот на житни култури се менува од час во час. Цените растат поради страв од неизвесност. Посебен притисок предизвика веста дека Русија планира да го прекине извозот на житарки до 30 јуни, пренесува Agrarheute. Оваа мерка би влијаела на извозот на пченица, јачмен, пченка и ‘рж, што би имало сериозни последици за пазарот.
Останатото договорено количество за извоз од таа земја за овој период се проценува на 6 до 6,5 милиони тони пченица. Целосно е запрен извозот од Украина.
Одлуката дополнително би го усложнила или целосно би го прекинала снабдувањето со пченица во следните месеци за некои земји. Веста дополнително се одрази на растот на цената на пченицата во Европа. За многу трговци е важно дали Русија ќе ја продолжи испораката што беше договорена претходно. За Египет, Саудиска Арабија и Алжир целосната забрана за извоз бо можела да биде катастрофална, бидејќи тие резервирале големи количини руска пченица пред почетокот на конфликтот во Украина.
Извозот на житарки од Русија е затворен за Азовското Море, а до неодамна одеше преку Црното Море. Дополнително, проблем има и во Русија, бидејќи производителите поради моменталната ситуација не сакаат да ја предадат оваа стока.
На Европа ѝ недостасува пченка
По Кина и Мексико, Европа е трет најголем увозник на пченка. Најголемите количини беа испорачувани од Украина. Тој извор на снабдување сега е прекинат, што се одрази на неговата вредност. Пченката од старата жетва достигна цена од нешто помалку од 350 евра за тон, што е највисоко ниво во историјата, пренесува Agrarheute. Погодена е Шпанија, која е најголемиот европски увозник, Холандија, Италија, Португалија и Ирска.
Шпанија ја повика Европската комисија да ја олесни контролата на увозот на ГМО пченка од Јужна Америка. ЕУ досега има увезено 11,5 милиони тони од трети земји, од кои 6,2 милиони тони доаѓале од Украина. Од Бразил се купувале 3,3 милиони тони, а преостанатата количина најмногу се увезувала од Канада, Србија и Русија. Главните производители во ЕУ се Романија, Унгарија и Франција.
Во 2021 година, според податоците на ЕК, Франција и Романија имале принос од 15 милиони тони, но најголемиот дел бил продаден. Шпанија има најголем недостаток.
Забрана за извоз на Русија и суша во САД
Ројтерс објави дека фјучерсите на пченицата на Chicago Board of Trade зајакнале најмногу поради ограничувањата на извозот од Русија, што ја зголеми загриженоста за глобалната понуда. CBOT пченката зајакна на 7,58 долари за бушел. Тие наведуваат дека Украина оваа пролет би можела да посее 4,7 милиони хектари помалку, што е пад од 39 отсто.
„Земете ги двата најголеми извозници на пченка и пченица во светот и оставете ги настрана и ќе добиете голема несигурност“, рече Ед Дуган, висок експерт за управување со ризик во Top Third Ag Marketing.
Министерството за земјоделство на САД потврди пад на приносите во државите погодени од суша, што изврши дополнителен притисок на пазарот.
