Пиперката е градинарска култура која води потекло од Централна и Јужна Америка. За својот раст и развој бара високи темепратури и други соодветни услови, како што е слабо кисело земјиште и доволно светлина.
Производството на расад го скратува времето на растење во полето. Од квалитетниот расад ќе зависи квалитетот на пиперката што се одгледува на отворено поле или во пластеник, односно целокупното понатамошно производство. Само квалитетен расад може да даде растенија отпорни на болести, штетници и на временските услови. На производството на расадот треба да му се посвети посебно внимание, бидејќи тоа е основата на успешно одгледување на пиперката.
За произодство на квалитетен расад потребно е да се обрне внимание на барањата на пиперката во поглед на квалитетот на супстратот, температурата на воздухот, температурата на супстратот, осветленоста, влажноста на супстратот. Семето треба да биде со добар квалитет, уедначено и дезинфицирано. Пиперката не никнува ако температурата на воздухот е под 20 ºC, а нема да никне ни ако темепратурата на воздухот е над 35 ºC.
Сеидбата треба да се изврши навреме
Периодот на производство на расад, од сеидба на семето до расад спремен за садење трае 50-60 дена, во зависност од сортата. Времето на сеидба на семето треба да се усогласи со времето на садење во пластеникот или на нивата, за расадот да не израсне премногу. Раното производство на расад е наменето за производство на пиперки во пластеници со затоплување. Сеидбата се врши на крајот на декември и во јануари. Ваквото производство бара и соодветни услови.
Техники на производство на расад
Постојат разни техники на производство на расад. Расадот може да биде: искорнат со голи жили, пикиран, расад во контејнери, расад во тресетни коцки.
Искорнатиот расад е традиционален начин на производство. Се карактеризира со едноставност на производството, но овој начин има низа недостатоци: потешка е заштитата од појава на заболувања (вирусни болести и болест на гниење на расадот), голема густина, а слаба проветреност, при корнењето се оштетува коренот.
Пикирањето на расадот бара доста работа, но расадот е многу поквалитетен. Расадот се пикира кога растенијата покрај котиледонските ливчиња имаат и први вистински листови.
Длабочината на садење при пикирање е до котиледонските ливчиња, не подлабоко. Се препорачува пикирањето на расадот да се прави кога времето е облачно.
Најважна е температурата
Температурата на супстратот треба да се движи меѓу 18 и 24 ºC а температурата на воздухот меѓу 25-28ºC до никнувањето. После никнувањето температурата се намалува на 18º неколку денови, а потоа повторно се зголемува на 22º C. Ноќните темепратури и температурите за време на облачните денови треба да бидат нешто пониски, но не под 15ºC.
Пиперката никнува за 6-7 дена, ако температурите се 28ºC, а доколку температурата при никнување е од 20-22º никнува за 20 дена.
Редовното проветрување после никнувањето е задолжителна мерка за да не дојде до издолжување на растенијата и развој на болести. Температурата на водата за наводнување треба да е над 20ºC, а релативната влажност на воздухот треба да е 60-70%.
Извор: agrosavjet.com
