Skimmia japonica rubella или Јапонска скимија е зимзелена цветна и украсно декоративна билка. Сака влажни, богати со хумус, пропустливи, кисели почви, без варовник. Добро расте под четинари бидејќи тие создаваат покисела почва во своја близина. Добро се согласува и со рододендрони и азалеи. Треба да се избегнува садење во близина на бетонски темели, каде што киселоста на почвата веројатно е превисока.
Силното пладневно сонце го забавува растот, а листовите стануваат бледи и жолти. Затоа често се сади на северната страна бидејќи поднесува краткотрајно утринско сонце во текот на летото.

Не се сади премногу длабоко, бидејќи цветањето може да изостане, а прихранувањето со ѓубриво помага подобро да се вкорени. При садењето, а и подоцна одвреме-навреме, треба да додадете кисела почва околу неа.
Идеална температура за одгледување јапонска скимија е од 20 до 25 степени, иако поднесува и високи температури и е отпорна на ниски температури. За време на зимата, не треба да биде во премногу влажна почва, за да не изгние коренот. Во текот на сончевите денови со мраз, се покрива со ткаенина.
Јапонската скимија се наводнува умерено, на секои неколку дена, кога почвата околу стеблото е сува. На есен, може да се прихрани со ѓубриво што бавно се раствора, а тоа треба да се повторува на секои шест месеци. Во текот на сезоната на растење, може да се прихрани и со течно ѓубриво еднаш месечно.

Погодна е за самостојно садење како и за одгледување во жардиниери, а расцветаните гранчиња изгледаат многу интересно во цветните аранжмани.
За компактен изглед и контрола на висината јапонската скимија може и да се крои.
Сите делови на јапонската скимија се отровни, а најмногу нејзините плодови.

За повеќе информации јавете се во „Green Planet“ на 02 306 7747 или посетете го расадникот кој е лоциран на улицата „Илинденска“ 88, во близина на Зоолошката градина и изобилува со најразлични цвеќиња и други декоративни растителни видови.

