Во сабота со планинарска тура и изложба на 1620 метри надморска височина каде што се наоѓа планинарскиот дом „Љуботен“ ќе се одбележат 90 години од изградбата на овој објект. Планинарскиот дом е изграден 1931 година од тогашното тетовско туристичко друштво „Шар Планина“, сегашен планинарски клуб „Љуботен“, кои се организатори на настанот.
-Изминативе пет години се работеше на целосна реконструкција на бунгаловите околу домот и поткровјето и покривот на објектот. Тие се обновени и домот на тој начин има можности да обезбеди 20 легла во поткровјето. Се разбира и понатаму имаме простор за работа на обновата на останатите делови од домот. Идејата ни е да се зачува и автентичноста на домот како со изгледот на објектот, така и со зачувување на дел од инвентарот. На пример, има врати од 1931 година кои со репарација може да користат и понатаму – изјави Јован Божиновски, претседател на ПК „Љуботен“.
Планинарската тура ќе почне во Старо село каде ќе се соберат учесниците. Следува два и пол часа пешачење до домот, а по пристигнувањето ќе следува разгледување на реновираните капацитети на домот.
-Од 12:30 часот пред Домот е предвиден официјалниот настан со поздравни говори до присутните и разгледување на изложбата, подготвена по повод 90 години постоење на планинарскиот дом „Љуботен“, истакна Божиновски.
Планинарската тура продолжува од 14 часот кога е предвидено враќањето кон Старо село.
Извор: МИА