Денес, во Клубот на пратениците во Скопје, се одржа работилница на тема: „Интегрирано управување со штетници: можност за земјоделците“. Работилницата се реализира во рамки на твининг проектот за јакнење на административните и оперативни капацитети на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство во областа на заштита на растителните видови и прилагодување на европските стандарди, финансиран од Европската Унија.
Овој проект го предводи Италија, преку сопственото Министерство за земјоделство и шумарство, во соработка со Министерството за рурален развој и храна на Грција. Работниот дел на семинарот, координиран од резидентниот твининг експерт Џанлука Говернатори, го отвори амбасадорот на Р.Италија, Андреа Силвестри, заедно со заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Вјолца Бериша и амбасадорот на Грција, Софија Филипиду. Амбасадорот Силвестри го потенцираше значењето на овој проект како можност за институционална соработка преку кој Италија, како „светски лидер во доменот на безбедноста на храната и заштита на растителните видови“ и „пример за одржливост на земјоделското производство“ го споделува своето знаење со Република Северна Македонија.
Проект, кој е особено значаен во овој период, од аспект на отварањето на пристапните преговори со ЕУ минатиот јули, и имајќи предвид дека веќе започнатиот скрининг за кратко ќе го опфати и секторот земјоделие. Амбасадорот исто така потсети и на Меморандумот за разбирање и соработка во областа на земјоделството, потпишан меѓу Р.Италија и Р.Северна Македонија, минатата година, со цел да се поттикне размената на искуства и добра пракса, меѓу другото и во областа на фитосанираните контроли, како и циклусот на семинари (Agricoltura, Alimentare, Ambiente) организирани во Скопје од Амбасадата на Италија со цел да се сподели италијанското искуство во областа на земјоделството и прехранбената индустрија, од кои овој е 5-ти по ред семинар.
