Горчливиот портокал е еден од основните видови од родот Citrus, познат скоро 4000 години. Потекнува од Индија и Кина и одамна бил пренесен во западна Азија и во земјите околу Средоземното Море. Арапите уште во 11 век го донесле во Средоземјето и оттогаш наголемо се одгледува.
Поради декоративното стебло, а особено поради плодовите, често се сади во градините и дрворедите.
Горчливиот портокал е постојано зелено дрво чија висина може да достигне 6 метри и повеќе. Коренот е вертикално развиен, крошната богата и округла. Листовите се наизменични, елиптични, со заострен врв, долги од 7 до 10 см, широки од 3 до 4 см, со кожичка и се многу ароматични.
Цветовите се развиваат поединечно или по 2 до 3 заедно. Двополни се, а на основата на толчникот имаат голем диск кој излачува нектар. Цветовите ги опрашуваат инсекти.
Горчливиот портокал, цвета во текот на месец април, а неговите плодови се крупни, портокалови и сочни. Надворешниот дел на плодот го сочинува дебела кора (егзокарп) која е ароматична и горка. Внатрешноста (ендокарп) се состои од 10 до 12 сочни делови во кои има семки.
Покрај зрелите плодови, се корисат и другите делови од растението. Кората од плодот се користи само од оние растенија кои не се третирани со хемиски средства. Надворешниот дел на плодот (кората, перикарп) се отстранува од зрелите плодови, од кората се вади внатрешниот бел дел, а надворешниот се сече на ситни парчиња, се суши и се чува заштитена од светлина. Перикарпот содржи етерично масло, витамин Ц, каротин, слуз, горки состојки и малку танин. Маслото е најважен производ на перикарпот и главно се состои од лимонен. Незрелите плодови исто така содржат етерично масло, танин, неколку горчливи состојки, гликозиди, лимонска и јаболкова киселина.
Цветовите од горчливиот портокал се собираат пред пупките целосно да се отворат и се сушат во сенка. Тие содржат етерични масла кои се состојат од линолилацетат, гераниол, нерол и други ароматични состојки.
Листовите се собираат во пролет и лето, а со лисјата можат да се собираат и младите гранчиња. Листовите содржат етерично масло, горчливи состојки, танини и неколку органски бази. Многу е важен хемискиот состав на внатрешниот дел на плодот. Тој дел содржи етерично масло, јаглени хидрати, шеќери, растителни влакна, натриум, калиум, калциум, магнезиум, фосфор, железо, бакар, цинк, манган, бром и други состојки. Значајно е дека портокалот е богат со витамините А, B, C и P.
Горчливиот портокал, како и останатите агруми, е многу вредно и лековито растение. Делува доста поволно врз човечкото здравје. Благодарение на богатството на витамини, дава сила и зајакнува. Одлично средство е против лошо функционирачки дигестивен систем, за промена на состојките и подобрување на крвта. Делува антибактериски, антивирусно, противвоспалително и смирувачки.
Сокот го отстранува вишокот желудочна киселина, го чисти црниот дроб, крвта и целиот организам, делотворен е кај камен во бубрезите и мочниот меур, одличен тоник за срцето, нервите, мускулите и желудникот. Кората на плодот (перикарп) се користи за смирување и подобрување на отпорноста.
Маслото од кората се користи кај кожните нечистотии, рани и чирови, а посебно против малигни заболувања. Кората ги зајакнува, стимулира, помага во работата на желудникот и цревата. Незрелите плодови се добар тоник и за стомак, за поттикнување на работата и јакнење на желудникот, како и лекување на пореметувањата во работата на срцето. Листовите имаат смирувачко дејство, ја намалуваат температурата, поттикнуваат потење, и ја подобруваат работата на желудникот.
Маслото од листовите е добро против нервоза и несоница. Маслото од цветовите има смирувачко и антисептично дејство. Цветовите се корисни против нервоза и несоница. Делуваат против грчеви и желудечни тегоби.
Извор: agroportal.hr
