Има неколку личности во државата од агрокомлексот кои уживаат голема доверба и почит кај земјоделските производители. Еден од нив е директорот на некогашна Маслодајна -Велес, а сега „Кристал 1923“, Горанчо Лазов.
Она со што ги освои земјоделците беше иницијативата во 2018 година за организирање на Договорно производство на сончоглед. Идејата беше многу јасна, увезуваме суровина за која се одлеваат девизи од државата, а може да се произведе дома. Потребна беше само стратегија и заедничко делување со земјоделските производители, а државата да помогне со повисоки субвенции за сончогледот.
-На оваа позиција сум од 2000 – та година и она што беше карактеристично, компанијата долги години увезуваше сурово масло кое го преработувавме, затоа што сончогледот се напушти како култура кај нас. Мојата идеја беше да се врати сончогледот на македонските ниви и тој процес го започнавме сами но очигледно не беше доволно. Нашиот капацитет е 40 000 тони и ние можеме да преработиме многу повеќе од тоа што тогаш се произведуваше. Во 2018 година, на моја иницијатива, заедно со земјоделците, агробизнисмените и Владата се организираше една поголема кампања за Договорно производство на сончоглед и од 2000 тони, стигнавме до 10 000 тони домашен сончоглед – вели Лазов.
Првата години од Договорното производство беше неизвесна, зависеше од климатските услови и почитувањето на договорот од страна на откупувачот за откупната цена и начинот на плаќање. Но, крајот на сезоната ја потврди сериозноста и коректноста на откупувачот.
Директорот Лазов, како прв човек на компанијата ги исполни сите очекување, дури и повеќе од тоа. Земјоделците добија повисока откупна цена во цел регион. Довербата почна да се гради секоја година се’ повеќе и еве земјоделците веќе 6 години се дел од Договорното производство и задоволни од соработката со „Кристал 1923“.
Нема да претераме ако кажеме дека во меѓувреме тие добија најголем нивен поддржувач, партнер во производството и пред институциите кои се задолжени за ова производство.
– За директорот Лазов се’ најдобро можам да кажам. Имаме одлична соработка, достапен во секое време, ни помага и заедно со нас се бори да имаме повисоки субвенции за сончогледот – Вели земјоделецот Митат Исмаиловски.
И другите земјоделски производители, кооперанти на „Кристал 1923“ имаат само добри зборови за соработката и се надеваат дека ќе продолжи успешно во интерес на сите. Секако тоа е добро и за државата за да се зголеми домашното производство и да се намали одливот на девизи од државата.
-Оваа година ни беше многу тешка поради сушата и ние бараме од Владата да ни излезе во пресрет и да добиеме помош од 7 денари за килограм за да може да продолжиме со ова производство – велат земјоделците.
Тие се надеваат дека ова нивно барање ќе наиде на одобрување кај ресорното министерство, имајќи предвид најавените планови на Владата за зголемување на домашното производство на суровини кои се стратешки за граѓаните.
-Се разбира дека МЗШВ треба да им излезе во пресрет на земјоделците, сушата беше голема и тие не го достигнаа прагот кој е потребен за дополните субвенција. Исто така инситуциите треба да поведат сметка каде завршува сончогледот чие производство е веќе субвенционирано, кој е регистриран како преработувач и дали тој сончоглед реално се преработува во масло за јадење или се извезува. Идејата на Договорното производство е да имаме домашна суровина за преработка и домашен финален производ – вели Лазов.
Разговорот со Лазов, со бизнисмен кој е посветен на една област, ги има детектирано сите слабости и предности на ова производство и точно знае како ќе се одвива развојот, може само да биде порака до тие што одлучуваат и ги создаваат условите за стопанисување. Ова е улогата на АгротимПРО, да се слушнат лидерите во секторите, со нивните размислувања и понудени решенија. Oва е најдобриот начин една Влада да носи правилни одлуки, да помага на секторот, а резултатите сами ќе ја потврдат потребата од поголема комуникција со бизнис секторот и поголемата јавност на активностите во оваа област. Во тој процес ќе ги запознаме и луѓето кои својот работен век го живееле со бизнисот кој успешно го воделе, а при тоа помагале на земјоделците и земјоделското производство.
Овие луѓе заслужуваат да бидат препознаени и почитувани во државата, затоа што нивниот ентузијазам и визија не познаваат граници.
-Имам големи планови, се што е во склоп со земјоделското производство, дополнителен откуп на земјоделски производи затоа што на земјоделците им фали сигурен откуп, предаден и платен и да можат понатаму да ги планираат површините. Ќе инвестираме во модернизација на производството, а во тоа навистина многу ќе ни помогне најавениот унгарски кредит бидејќи има грејс период и 15 години за враќање, за кое време ќе направиме добри нови инвестиции. Заедно со земјоделците и државата можеме многу да постигнеме – изјави Лазов.
АгротимПРО, новиот проект и иницијатива на Агротим е можноста која им ја нудиме на сите кои сакаат да помогнат во зголемувањето на домашното земјоделско производство преку своите активности и бизниси и кои во својата работа ги имаат земјоделците како партнери.
Ленче Николовска