Пандемијата на корона вирусот го чинеше туризмот на глобално ниво најмалку 320 милијарди долари, покажуваат податоците на Светската туристичка организација, специјализирана агенција на Обединетите нации.
Извештајот опфаќа податоци од јануари до мај оваа година, а покажува дека загубите во туризмот се три пати поголеми од загубите што беа нанесени во текот на глобалната финансиска криза во 2009 година, пренесува BBC .
Во овој период бројот на туристи се намалил за 300 милиони бидејќи мерките против ширењето на корона вирусот ги запреа меѓународните патувања, што претставува пад за 56% во однос на истиот период минатата година.
– „Најновите податоци јасно покажуваат дека повторното заживување на туризмот треба да се случи што е можно поскоро. Драматичниот пад на меѓународниот туризам загрозува милиони луѓе“, изјави за радио Слободна Европа, генералниот секретар на Агенцијата.
