Една случајна руралана приказна:
Возевме околу десеттина километри по асфалтен пат и потоа околу 3 км по земјен пат за да стигнеме до кривопаланчекото село Крстовдол кое се наоѓа во областа Славиште, во крајниот северен дел на територијата на Општина Крива Паланка, чиј атар се допира со државната граница со Србија.

Селото е планинско и раштркано, само со по неколку куќи оддалечени на стотина метри една од друга, а чии маала се наоѓаат на надморска височина од 870 до 1.180 метри. Селските куќи изгледаат токму како оние од народните приказни, со запалени огништа на кои под вршник се печеше тазе месен леб и зелник направен од вредните домаќинки.

Нема многу жители, останати се оние постарите, кои едвај чекаат да дојде патник намерник од некаде за да можат да помуабетат и да раскажат што се имало некогаш ова село. Најголем дел од младите побегнале во градот, додека оние постарите останале овде занимавајќи се околу бавчите во кои имаат посеано компир, грав и пиперки и домати за своја душа.


Чичко Стоје со кого разговаравме ни рече дека некогаш во ова село имало многу добиток, а главна егзистенција на луѓето биле токму земјоделството и сточарството. Радознали што крие оваа недопрена природа го оставивме да седи на каменот покрај трошната куќичка, а ние продолживме по угорницата накај границата со Србија.

Кога стигнавме на највисоката точка – убавина: Борова шума се простираше до каде допира погледот, а стотина грла говеда одмараа во шталата пред нас. Ја имавме и таа среќа што сопственикот ни кажа дека токму во тој момент се отелила и една од неговите крави која грижливо се вртеше околу своето малечко.


Другите грла одмараа на сонцето и пасеа од тревата околу нив. Заминавме од село Крстов дол , уморни од чистиот воздух и стоплени од октомвриското сонце со најубавите впечатоци на нашата случајна авантура по Осоговието.

