Во куќата на архитектот Мартин Грубер во Јужен Тирол постои чувство на единство со природата и целосна слобода. Каде и да се свртите, погледот е буквално прекрасен. Пејзажот околу куќата нуди шума со стари стебла костени и овошнки. Куќата се закривува во заштитната падина на север и станува речиси невидлива со нејзиниот тревен покрив.
Локацијата на куќата била внимателно одбрана од архитектот Мартин Грубер. Се наоѓа веднаш покрај неговата фарма во близина на селото Вердингс, каде што природата ја презема контролата над просторот. Стаклената отвореност во „слободен облик“ е прекрасна: читате, јадете и спиете надвор – дури и кога сте внатре. Архитектот успеал да ги вгради своите соништа во внатрешноста од 65 квадратни метри, карактеризирана со даб.
„Отсекогаш сонував за кревет кој стои среде ливада“. Вака архитектот Мартин Грубер ја опишува поетската мисла зад куќата „Freiform“, која ја изградил како подарок на својата сопруга Ана, за парот да има простор за посета на пријателите и семејството.
Мартин Грубер пораснал во Јужен Тирол, каде што и подоцна се вратил како обучен архитект кога добил можност да ја преземе селската куќа на неговиот дедо. Куќата била во премногу лоша состојба за да се реновира, па Мартин Грубер видел можност на нејзино место да го изгради својот проект од соништата.
Органските, меки форми се вклопуваат во ридскиот пејзаж, а и зелениот покрив помага куќата да се вклопи во околината.
Цела година размислувал за проектот во кој објектот не треба да и пречи на околината, туку треба да исчезне во неа и да даде чувство дека е дел од ридот на кој се наоѓа, а не дека лежи „на“ ридот.
„Ја оставив мојата интуиција да ме води и исходот беше доста добар“ – вели тој за планот на куќата, кој го поделил на три дела, од кои сите се насочени кон околината и создаваат форма на мек полигон. Едното крило од куќата содржи минималистичка кујна, каде што самиот Мартин Грубер направил кујнски остров од цврст дабов блок.
Се разбира, Мартин Грубер не ги зема предвид само надворешните форми, туку зазел еднаков став за материјалите и ентериерите одвнатре. Внатрешноста се карактеризира со контрасти, на пример, дозволил тврдиот бетонски под да ги следи меките форми на куќата, додека топлиот и мек материјал како дрвото добил строг и линеарен израз во кујната.
Сè освен тркалезната цевка на печката може да се помести. Од друга страна, каминот може да се ротира за да можете да уживате во огнот каде и да сте во просторијата.
Стаклената фасада ја отсликува околината, а изразот на ентериерот постојано се менува според ветерот, времето и сезоната. Природата е постојан кокреатор на искуството од престојот во куќата „Freiform“.
Иако дизајнот на ентериерот е едноставен, Мартин Грубер силно се фокусирал на создавање пријатна внатрешна средина која се прилагодува на климата во текот на целата година: топли лета и снежни зими.
„Freiform“ не е само приватна куќа за гости, таа може и да се изнајмува. Се наоѓа на земјиште во сопственост на семејството на Мартин Грубер. Овде ќе најдете кокошки, крави, коњ и едно магаре, како и голема берба на органски зеленчук.
Има место за четири гости, а можете да прочитате многу повеќе на unterrunggerhof.com