На надморска височина од 1470 м, во зоната на букова шума и високопланински пасишта на Галичица се наоѓа место за кампување во дивина, Шарбојца. Кампот е наменет за краток престој (преноќување). Местото опфаќа површина од 450 м2, (25×18 м), заградено е со челична жица и има 5 локации за шатори (секоја 10,5 м 2), сув тоалет и корпа за отпадоци. На овој локалитет нема извор или бунар на вода.


Планиска куќа Шарбојца – Асанџура
Планинската куќа е сместена во централниот дел на Националниот парк „Галичица“ на надморска височина од 1470 м, на локалитетот Шарбојца (Асан Ѓура). До неа се стигнува од две страни и тоа од охридската страна преку селото Велестово по планински пат со должина од 18,6 км од кои 4,1 км се асфалтен пат и 14,5 км се земјен пат.

Од преспанската страна се стигнува по пат со вкупна должина од 9,1 км од кои 3,7 км се асфалтен пат и 5,4 км се земјен пат. Оваа планинарска куќа ви овозможува да се оттргнете од градското секојдневие и да уживате во беспрекорната природа што ја поседува Националниот парк.

Планинската куќа располага со 20 кревети во 4 комплетно опремени соби, кујна, соба за дневен престој, мини ресторан за 20 особи и летна тераса што ќе ви овозможи да се чувствувате удобно и комфорно.

Во близина на куќата се наоѓа пештерата Самотска дупка, Симонческа локва, врвот Томорос и многу други вредности кои трајно ќе останат врежани во вашите сеќавања.

