Во прилепското село Канатларци живее земјоделецот Али Керим, кој целиот свој живот се занимава со земјоделство. На околу 100 декари земјоделски површини, со помош од неговото семејство – сопругата, синот и снаата, одгледува тутун, бостан, пиперки, пченка, сончоглед…

Али се гордее што е земјоделец и покрај тешкотиите и предизвиците со кои се соочува, особено годинава поради светската криза и поскапувањата но нивите не ги остави празни. Традицијата во производството си го прави своето, а годинава има помош и од државата во набавка на вештачко ѓубриво и друга помош преку Интервентниот фонд.
-Субвенциите ни се добредојдени, без нив тешко да работиме, ама пак ќе речам, тој што работи и има. Така ги учам и помладите – вели земјоделецот Али.

„Тешко е со пласманот, ама сепак некако успеваме да врземе крај со крај. Најдобро е договорното производство, така сакаме ние земјоделците, да знаеме за кого произведуваме“, вели Али, кој со насмевка ги извршува и најтешките работи.





Во работата најдобро е кога е вклучена целата фамилија и за помош но и за друштво, а за сопругата, се знае, таа е главна – низ шега заклучува Али.



