Ако ги сакате собните растенија, а немате секогаш доволно време да им се посветите, ќе бидете воодушевени со овој нов модуларен систем за самонаводнување наречен LetPot. Станува збор за саксии кои се „малку“ попосебни од другите бидејќи имаат резервоар кој собира 20 литри вода со помош на кој растенијата имаат можност од 30 дена наводнување. Ваше е да ја користите апликацијата на вашиот мобилен телефон за да наместите кога и колку вода е потребна. Целиот систем вклучува паметна апликација, садови кои можат да се рециклираат и LED светилки за соларно полнење.
Што точно може да се одгледува во овие паметни саксии? Секое младо растение исто како и во класичните саксии, но од компанијата велат дека може да се одгледуваат и мали овошки. LetPot функционира така што еднаш се полни резервоарот за вода кој трае 30 дена што е одлично за оние кои патуваат или за оние кои понекогаш забораваат да ги наводнуваат растенијата на балконот, во градината или во станот.
„Докажано е дека собните растенија даваат придобивки за здравјето. Не само што создаваат кислород и ги отстрануваат штетните токсини, студиите покажаа дека го намалуваат нивото на стрес и го подигнуваат расположението“, изјави за странските медиуми Енди Лин, основач и извршен директор на LetPot.
LetPot има модуларен систем на садоци направени од смола отпорна на УВ зрачење, која може да се рециклира, а според потребата може и да се зголемува количината на садовите. LetPot може да се користи во затворен простор или на отворено, бидејќи контејнерите се водоотпорни и нема да избледат на сонце. LetPot има и систем на кој може да се додадат LED светла со соларно полнење. Сѐ функционира преку мобилната апликација преку која корисникот го поставува распоредот за наводнување така што секое растение може да има свој план за полевање во зависност од потребите.