Торнадо што ја погоди Чешка минатата недела уби пет лица и уништи многу села. Погодениот Јужноморавски регион, особено околу градовите Брецлав и Ходонин, е позната област за одгледување на вино. Штетата изнесува стотици милиони круни и тоа само за оштетените подруми, опремата и технологијата. Штетите во насадите сè уште се собираат, пишува denik.cz.

Покрај тоа, на производителите им се оштетени трактори, автомобили, но и целата опрема што му се нашла на патот на торнадото. Исто така, винарските визби и сè што е во нив се поплавени.

Според Тибор Нијтреј, претседател на Синдикатот на лозари, проценките на штетите ќе бидат завршени дури за еден месец.
„Лозарите прво треба да се погрижат за нивните основни потреби и уништените домови“, рекол Нијтреј за lidovky.cz.
Повеќето насади не се осигурани
Лозите што се негуваа со генерации беа уништени за само неколку минути.

„Триесет сантиметри од земјата лозите беа голи, столбовите и жиците уништени, а во средината на лозјата беа пронајдени предмети што долетале од некаде“, рече Нијтреј, опишувајќи го лозјето на неговиот колега од Лужица.

Пред две недели насадите на овие земјоделци беа погодени и од град во кој беше оштетен родот, но торнадото им уништи сѐ. Нитрај вели дека лозјата се претежно неосигурани затоа што лозарите не можат да си го дозволат тоа.

„Осигурувањето поскапуваше, бидејќи со текот на времето се случуваа природни катастрофи – од град до силни мразови“, вели Нијтреј и додава дека големите производители имаат некои форми на осигурување, но за малите тоа е недостижно.

Министерството за земјоделство на Чешка ветило дека ќе обезбеди 1,5 милијарди круни (скоро 60 милиони евра) за оштетените земјоделци и производители на храна. Во следните недели, Здружението на винари или Националниот центар за вино ќе побараат соработка во распределбата на средствата за помош на винарите во погодените области.

„Имаше град, поплави и ветрови, но ваква апокалипса немавме доживеано“, заклучува Нитрај, опишувајќи дека автомобили со тежина од неколку тони летале низ воздухот.





