Неодамнешниот извештај на автономната институција на француската влада, „Француска стратегија“, покажа дека органските фарми работат со поголем профит од конвенционалните. Иако признава дека во ваквото производство приносот повеќе варира, Жулиен Фос, еден од авторите на оваа студија, исто така тврди дека оваа гранка има огромен потенцијал во борбата против климатските промени.
„Со употреба на поотпорни сорти, диверзифицирање на производството и развој на биолошки агенси кои ја олеснуваат борбата против инсектите, можно е да се подобри еколошката отпорност“, потенцира тој во интервју за „Еурактив“.
Анализирајќи ги економските податоци од научната литература и симулирајќи модел на фарма, истражувачите откриле дека 41 600 фарми кои поседуваат вкупно два милиони хектари под органско земјоделство, се во подобра финансиска состојба. Исто така, претпоставка е дека профитот на секое конвенционално производство би се зголемил за 25% доколку се префрли на еколошко.
Повисоки цени на производите
Овие бројки варираат од сектор во сектор, а лозарството има најголема корист.
Врз основа на податоците објавени во 2017 година од Францускиот национален институт за статистика и економски студии (ИНСЕЕ), еко-лозјата создаваат скоро двојно поголем приход по хектар. Оваа значајна разлика може да се рече дека е резултат на продажната цена на ваквите производи, што понекогаш е многу повисока од обичните.
„Иако бројките на пазарот во овоштарството, одгледувањето зеленчук и сточарството се пониски, утврдено е дека органското производство во овие области е исто така поповолно“, додава Жулиен.
Нов систем кој ќе ја надградува еко промоцијата
Со цел да ги охрабри земјоделците да се свртат кон еколошко земјоделство, „Франс Стратеги“ препорачува јавната помош што ќе им биде доделена на земјоделците, да биде пропорционална со нивните напори за да го намалат штетното влијанието врз животната средина.
Тие исто така предлагаат да се воведе систем на т.н. бонус што ќе ги награди позитивните активности поврзани со заштитата на животната средина и биодиверзитетот, а истовремено да ги оданочува оние фарми кои премногу користат пестициди и други средства со што го зголемуваат уделот на штетни гасови.
Што кога агроекологијата стане норма?
Сепак, според Пјер-Мари Убер, истражувач и координатор на Европската земјоделска иницијатива на Институтот за одржлив развој и меѓународни односи (ИДДРИ), малку е веројатно дека агроеколошките етикети и сертификати ќе играат голема улога во оваа зелена транзиција.
“Ова е затоа што еко-земјоделството, за да ги исполни бараните стандарди, се потпира на значителна разлика во цените во споредба со конвенционалните. Меѓутоа, ако агроекологијата стане норма, таквата практика повеќе нема да биде оправдана“, објаснува Убер.
Дали другите земји-членки ќе ја преиспитаат таа можност, останува да видиме. Сепак, во Франција, терминот агроекологија веќе навлезе во политичкиот речник, а министерот за земјоделство, Жулиен Дунормонди, најави охрабрување за премин кон ваквиот начин на производство на храна.
Извор: Агроклуб
Напишете коментар