Европската централна банка (ЕЦБ) започна процес на редизајн на евробанкнотите, со цел тие да бидат побезбедни, поодржливи и попристапни за граѓаните.
ЕЦБ претстави 10 предлог-дизајни, за кои јавноста ќе може да гласа до 21 септември, додека конечниот избор треба да биде направен до крајот на годинава.
Еврото е официјална валута во 21 од 27-те земји членки на Европската Унија и го користат повеќе од 357 милиони луѓе. Во оптек моментно се банкноти од пет, 10, 20, 50, 100 и 200 евра, додека печатењето на банкнотата од 500 евра беше прекинато во 2019 година поради загриженоста дека може да се користи за перење пари и финансирање тероризам.
Редизајнот следува по воведувањето на еврото во 2002 година и серијата „Европа“, која донесе дополнителни безбедносни елементи во периодот од 2013 до 2019 година.
Според ЕЦБ, новите банкноти ќе содржат понапредни заштитни елементи против фалсификување, ќе бидат изработени од поиздржливи материјали и ќе бидат полесни за користење, вклучително и за лицата со оштетен вид.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, изјави дека сегашниот дизајн со прозорци, врати и мостови симболизира европска соработка и интеграција, но по повеќе од две децении е време банкнотите да станат поблиски и попрепознатливи за граѓаните од сите генерации и средини.
По усвојувањето на конечниот дизајн ќе следуваат повеќегодишни подготовки пред новите банкноти постепено да бидат пуштени во оптек. Дотогаш сегашните банкноти ќе останат законско средство за плаќање и ќе продолжат да важат без ограничување.
МИА
