Плодна земја имаме, а храна се повеќе увезуваме. Оваа констатација не е ништо ново за состојбите во Северна Македонија која од година во година станува се` позависна од увезеното за сметка на домашно произведеното. За проблемот одамна се алармира, но многу малку конкретно и се реагира за да има промени.
Како тоа изгледа, доволно отсликува податокот дека годишно на храна и земјоделски производи од увоз трошиме и до 700 милиони евра. Сериозна сума, за сериозно мала и отворена економија, една од најсиромашните во Европа, која секоја година од државната сметка одвојува и по најмалку 100 милиони евра за субвенции за домашното земјоделство.
Системски проблем
Проблемот е системски и долгогодишен и досега не доживеа промени и покрај декларативните заложби на сите инволвирани. Руската агресија на Украина која предизвикува ценовен шок на пазарите само дополнително ќе ги влоши состојбите со оглед на растот на цените, но и недостигот на основните земјоделски производи како пченица, сончоглед, пченка, кои ги произведуваме, ама и кои ги увезуваме. Повеќе од аларм кој според упатените мора да испровоцира промени, пред се системски:
„Треба да извлечеме поука од оваа војна дека треба да се престроиме и да гледаме да се снајдеме сами, да сработиме дома. Ние сме мала држава и можеме да си помогнеме на сите полиња. Со малку работа може да имаме се`. Од земјоделска држава во која имавме се`, се доведовме до ситуација да зависиме од увоз. Така напред не можеме да одиме, а реално можеме да се прехраниме. Имаме илјадници површини за земјоделско производство и крајно време е тоа да го искористиме“, вели за Дојче веле Илчо Богданов, еден од поголемите производители на пченица во државата.
Потценето производство
Но зошто ако можеме да се прехраниме од домашно, зависиме од увозно? Зошто стотици илјади хектари плодна земја зјае празна и никој не ја обработува? Барем со пченица која станува еден од најкритичните производи, со оглед дека Украина и Русија се најголемите поризводители. Богданов предупредува дека проблемот е системски и повеќегодишен:
„Главниот проблем е што финансиски не можеме да издржиме. Не само ние како производители на пченица, туку генерално сите земјоделски производители. Откупните цени се многу ниски, а трошоците низ годините постојано растат. Сведоци сме што направи пандемијата, а сега и војната, до каде отидоа струјата, нафтата, а да не зборуваме за семенските материјали, вештачките ѓубрива. Знаеме дека можеме и треба повеќе да произведуваме, но тоа е многу тешко изводливо ако нема дополнителна поддршка и стимулација од државата. Но ако се зголеми делот за субвенциите ќе има производство. Ќе се организираме и ќе направиме нешто. Ако има стимулации и ако има реална цена, ние можеме да извадиме поголемо производство, затоа што ако направиме квалитетна сеидба со квалитетен семенски материјал, потхранување, заштита, ние можеме да имаме врвен резултат“, потенцира Богданов.
Нови насади
Нови насади и зголемено производство е потребно за редица земјоделски култури. Само за пченицата годишните потреби изнесуваат 330 илјади тони, а во последните години во зависност од временските услови производството се движи од 230 до 250 илјади тони. Дел од овие количини не се употребуваат за човечка храна, туку за прехрана на стоката. Ова значи дека годишно се увезува 100 илјади тони пченица и 40 до 50 илјади тони брашно.0 seconds of 0 secondsVolume 90% Гледај видео00:49
Македонското земјоделство сега и пред 25 години
Во вакви услови, дебатата за промени добива на актуелност, а јавноста станува сведок на апели и предлози од типот да се искористи секоја педа обработлива земја за да се насадат житарици и други основни земјоделски култури. Од Владата велат дека веќе имаат и конкретен план за вакво нешто:
„Во вакви времиња на светска криза ја гледаме важноста на земјоделското производство и субвенциите што ги овозможува државатa. Секое слободно земјоделско земјиште ќе биде ставено во функција на домашното производство, околу 12.000 хектари ќе бидат на располагање и објавени преку јавни повици“, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
За таа цел како што изјави Николовски, се подготвувал и план како и кои култури ќе добијат предност и фокус.
„Ги повикувам граѓаните и младите да се ангажираат и да влезат во земјоделскиот сектор, заради тоа што има серија на мерки преку коишто државата дава поддршка“, најави министерот за земјоделство.
Текстот во целост на Дојче Веле
